Нова, Северна, Вардарска, Горна или (Скопје) на латиница, без превод на англиски

Република Нова Македонија, Република Северна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Горна Македонија и Република Македонија (Скопје), сите со македонска транскрипција, напишани на латиница, односно Republika Nova Makedonija, Republika Severna Makedonija, Republika Vardarska Makedonija, Republika Gorna Makedonija I Republika Makedonija (Skopje), неофицијално се имињата содржани во предлогот што го ставил на маса посредникот Метју Нимиц на вчерашната средба со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во ОН во Њујорк, неофицијално дознава МКД.мк.

Краткото име што би се користело би било Nova Makedonija, Severna Makedonija, Vardarska Makedonija ili Gorna Makedonija. Сите предлози се без превод на англиски јазик

Имињата, како што кажа и самиот Нимиц по средбата, се нова комбинација од неговите стари идеи, кои инаку се познати во јавноста и за кои рече дека очекува двете влади да ги разгледаат.

За јазикот, наводно се предлага да биде „македонски“ („makedonski“), или „official language of the Republika Severna Makedonija или Nova, Vardarska, Gorna, со можност другите земји да избираат сами дали ќе го преведат или не, додека за националноста има две опции-„македонска“ на латиница-„mаkedonska“ и во зависност од името, на пример „of the Republika Severna Makedonija“ .

Сетот идеи и предлози кои ги дал Нимиц, како што самиот ги нарекува, според грчки дипломатски извори, го содржат главниот услов од кој не отстапува Грција, ерга омнес, кој целосно би важел, вклучувајќи и внатрешна употреба на евентуално договореното име, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Тоа значи дека во меѓувреме, таквото име би било за меѓународна и за билатерална употреба.

Во таканаречениот сет идеи имало и други точки, вклучувајќи го и користењето на името за комерцијални цели, односно во трговските односи.

Од Владата засега нема коментари на предлогот од Нимиц. Оттаму само соопштија дека Владата на Република Македонија е посветена на решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.

„Активно се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни, имајќи ги предвид разликите“, пишува во соопштението од Владата.

Пртиоа најавуваат дека ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија, откако ќе се направи внимателна анализа на предлогот.

Со став единствено се огласи преговарачот, амбасадорот Наумовски кој во изјава за ТВ Сител рече дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение. Според него, рамката за разговорите е дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, а тоа е да се надмине разликата околу името.

„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денеска во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и тој ќе може да заземе став по ова прашање”, рече Наумовски.

Дека македонскиот преговарач не е голем оптимист кажува и неговиот став дека „имајќи предвид што изјавуваа грчки официјални лица, сè она што што беше презентирано во рамките на овие разговори, вклучително и ова денескa не дава простор да бидеме големи оптимисти“.

Нимиц во изјавата по заедничката средба со преговарачите изјави дека нема да коментира што има во предлозите и сетот идеи што им ги дал на двете страни.

„Им ги дадов на двете страни и тие треба да ги однесат назад кај нивните влади кои треба да ги земат во предвид, да ги проучат и да видат дали ќе помогнат во донесување заклучок“, рече Нимиц.