Нова сезона од едукативниот серијал Енергетска математика

Главниот фокус во второто продолжение од едукативниот серијал „Енергетска математика – нова генерација„, вели ЕВН Македонија, е ставен на рационалното користење на енергијата и во објекти каде што трошокот за  електричната енергија е на товар на некој друг.

-Главните ликови, помладата генерација од семејството Јаневи што ги гледавме и во првата сезона, заедно со своите другари ќе нé водат на неколку различни локации, како ресторан, хотел, факултет, теретана, канцеларија, супермаркет и кафуле. Преку лични примери ќе ни кажат како и надвор од дома да се однесуваме одговорно и да бидеме енергетски ефикасни преку менување на нашите навики, се вели во соопштението.

Во втората сезона на едукативниот серијал, покрај едукацијата за значењето на енергетската ефикасност, акцент се става и на заштитата на животната средина и намалувањето на стакленичките гасови во атмосферата, што индиректно се постигнува со намалување на потрошувачката на електрична енрегија.

-Енергетската ефикасност значи да се направи повеќе со помалку енергија. Со подобрување на вашата енергетска ефикасност, ги намалувате трошоците, а не ја губите удобноста на вашиот дом или канцеларија. Со менувањето на нашите навики, заедно постигнуваме повеќе. Кога користиме помалку енергија, спасуваме драгоцени природни ресурси и го намалуваме загадувањето. Токму затоа, ЕВН и натаму ќе остане посветена на овој сегмент, бидејќи ефектите веќе се забележуваат, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Едукативниот серијал  „Енергетска математика – втора генерација“ е дел од Платформата за енергетска ефикасност што ЕВН Македонија, заедно со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, ја спроведува од 2012 година. Во нејзини рамки се одржаа низа едукативни активности за граѓаните, компаниите и за студентите, а целта е поголема примена на енергетската ефикасност во сите сегменти од современото работење и живеење.

-Едукативниот серијал „Енергетска математика“  ја доби и престижната награда„Golden World Award“  на Меѓународната организација за односи со јавност (IPRA). Ова беше прва ваква висока награда на светско ниво што ја добива едукативен серијал креиран во Македонија, се вели во соопштението на ЕВН Македонија.

Платформата пак, доби национална награда за општествена одговорност и позитивно беше оценета во Извештајот на Европската Комисија за Македонија.