Нова спортска сала во средното училиште „8 Септември“ во Тетово

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска, присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата училишна спортска сала во средното општинско економско училиште „8 Септември“ во општина Тетово.

Денес, кога го одбележуваме 7 март – денот на наставата на албански јазик, можеме да кажеме дека го исполнуваме ветеното, општина Тетово и учениците добиваат нова спортска сала, во состав на средното економско училиште 8 Септември, објект кој ќе придонесе за подобрување на условите во образованието, истакна министерот Адеми.

Оваа сала, рече Адеми, за која Министерството за образование и наука инвестираше околу 40 милиони денари, е со површина од 1300 метри квадрати и во себе ги содржи сите основни средства за изведување на наставата по физичко образование.

Новата сала е опремена со спортски реквизити за фудбал, одбојка, ракомет, кошарка, гимнастика. Тука, за време на часовите, учениците ќе можат да ги совладуваат основните елеметни на спортот, а по завршување на истите, салата ќе им биде достапна на сите заинтересирани граѓани, кои сакаат слободното време да го искористат за дружење и спортување, додаде министерот, напоменувајќи дека Министерството за образование и наука, инвестира во младите и нивниот развој.

Во општина Тетово, истакна Адеми, министерството за образование и наука, досега инвестираше во 11 објекти во вредност од 2 милиони и 200 илјади евра.

Инвестициите во образованието, не запираат откако ќе се изгради ново училиште, не завршуваат со реконструкција на училишна зграда. Инвестирањето во образованието значи и постојано надградување на наставниците, следење на светските трендови, како и новно имплементирање во македонскиот образовен систем. Затоа, приоритет на Министерството за образование и наука и на Владата на Република Македонија останува инвестирањето во образованието, рече Адеми.