Нова странска инвестиција која ќе донесе најмалку 2.000 вработувања

Ирската компанија „Etanol Europe Renewabels“ во соработка со американската компанија „DuPont“ ќе инвестира во Република Македонија. Денеска во македонската Влада беше потпишан Меморандум за реализација на инвестиција.

Станува збор за две реномирани компании кои имаат долгогодишно искуство и експертиза на светскиот пазар во хемиската, фармацевтската и земјоделската индустрија, како и во развојот на алтернативни и обновливи извори на гориво.

Отворањето на фабриката за етанол ќе значи целосно заживување на регионот, а проектот ќе и донесе на Македонија значителен економски раст особено во руралните средини, придонесувајќи со повеќе од 100 милиони евра годишен извоз и намалување на стапката на невработеност преку директни и индиректни вработувања.

.Изградбата ќе започне во 2016-та година, а проектните активности ќе стартуваат две години подоцна.

Ќе бидат вработени 1000 лица директно, а ќе има уште толку индиректни вработувања.

Министерот за привлекување на  странски инвестиции, Бил Павлески истакна дека оваа инвестиција е важна за македонкото земјоделство и економскиот раст.

-Замјоделието е од влијателно значење за македонската економија. Речиси половина од населението живее во руралните области. Сепак, голем дел од земјоделските површини се напуштени и деградирани и не постои разумно очекување дека таквото земјиште за нашата генерација ќе може да се користи за продуктивни цели. Свесни за ваквата состојба, Владата на Македонија во овој проект ја препозна можноста за ревитализација на земјоделскиот сектор во напуштените региони кои би достигнале над 15.000 хектари државно земјиште, истакна Павлески.

Компаниите ќе инвестираат во Мариово, прилепско. Тоа ќе значи целосно заживување на мариовскиот регион и поголем економски раст.

Првиот човек на „Etanol Europe Renewabels“ откри детали за инвестицијата.

-Етанолот од растителни извори е една од најзначителните замени за фосилните горива во нашите автомобили и домови. Етанолот е една од најдобрите можности на располагање кои можат да ги вратат малкунаселените европски области, повторно во живот. Го избравме Прилеп за изградба на проектот на кој ќе биде горда цела Европа. Ќе работиме на големо напуштено земјиште. Растенијата ќе произведуваат големи износи на јаглерод и напуштеното земјиште ќе го направат продуктивен дел од македонската економија. Овој проект е единствен во светот и неговата реализација ќе трае неколку години, рече тој.

Освен големиот број на работни места, директорот најави и постојан железнички сообраќај од Прилеп кон Солун.

Инвеститорите се заблагодарија на македонската Влада која две години работеше со нив пред да се најави оваа инвестиција.

Во македонската Влада се обрати и првиот човек на „DuPont“ од САД.

-Веќе градиме фабрика за целулозен етанол во САД, проектот таму ќе биде пример за проектот кој ќе се прави тука. Овде исто како и со проектот во САД гледаме можност за големи придобивки за земјоделството и земјоделците наоколу и тука. Ние сме лидер во земјоделството и продуктивноста е многу важна за нас. Ние можеме да ја потврдиме изводливоста и придобивките за руралната заедница, истакна тој.

Овој проект, потенцираа соговорниците ќе донесе големи промени и придобивки во македонското земјоделство.