Економија

Нова турска инвестиција во Бунарџик, ќе се отворат 100 нови работни места

Нова турска инвестиција во Бунарџик, ќе се отворат 100 нови работни места

Лидерот за производство на дискови за сопирачки во Турција компанијата Менсан, донесе одлука да инвестира во Македонија.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија Висар Фида, денеска ја најави новата турска инвестиција во индустриската зона Бунарџик во Скопје.

„Посебна чест ми е што денеска можам да најавам нова инвестиција од Република Турција. Се работи за компанијата Менсан  која што е лидер во нивниот сектор во Република Турција. Оваа инвестиција беше иницирана од страна на нашиот промотор во Турција, Алев Сулејман.  По неколку месечни преговори денеска претставниците од компанијата донесоа одлука да инвестираат во Република Македонија”, изјави директорот на Агенцијата Висар Фида.

Претставниците од турската групација истакнаа дека една од главните причини поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е нивната визија за развивање на компанијата во Европа.

„Ние како групација Менсан од Маниса, Република Турција произведуваме дискови за сопирачки и сме една од најголемите компании во Турција. Како групација продолжуваме со наше инвестирање во Турција и надвор, а денеска донесовме одлука да инвестираме во Македонија. Најголема причина за нашето инвестирање во Македонија е тоа што оваа земја e доста динамична. Посебно добрата намера на официјалните претставници на Македонија ни влијаеше врз нашата одлука за инвестирање во земјата. Нашата инвестиција ја гледаме како една врата за отварање кон Европа.Тука сметаме дека ќе го развиеме нашето производство на дискови за сопирачки со што ќе имаме поблизок пристап до европските земји”, истакна претставникот од компанијата Менсан, Ѓудум.

Компанијата во Македонија ќе инвестира околу пет милиони евра, а со отварањето на фабриката во земјата ќе се отворат 100 нови работни места.