Нова училишна зграда за децата со оштетен вид

Нова училишна зграда за децата со оштетен вид
Нова училишна зграда за децата со оштетен вид

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска, на одбележувањето на Меѓународниот ден на слепите лица или Денот на Белиот стап, присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата училишна зграда на државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.

– Новиот објект со површина од 463 метри квадратни е донација на Европската команда на Армијата на САД, која за овој проект издвои околу 363 илјади долари. Со помош на нашите пријатели од Војската на САД, учениците добија современ објект, опремен со сите помошни и нагледни средства. Движењето низ училишната зграда ќе им биде олеснето на учениците, бидејќи таа е опремена со дактилни патеки, специјално наменети за лицата со ошетен вид, истакна министерот Адеми.

слепи1

Одговорна држава, додаде Адеми, е онаа која подеднакво се грижи за сите свои граѓани. Во таа насока можам да кажам дека Министерството за образование и наука, Владата на Република Македонија и другите надлежни институции системски работат на подобрување на животот на сите луѓе со попреченост во нашата земја.

– Да споменам дека со Брајовиот печатар кој го доби училиштето „Димитар Влахов“, учениците можат непречено да учат и да читаат литература. И процесот на инклузија ги дава своите резултати, се повеќе ученици со посебни образовни потреби успеваат да го завршат училиштето и да се стекнат со знаења и вештини кои ќе им помогнат во животот. Но нашите заложби не запираат со одбележувањето на некој меѓународен ден или јубилеј, рече Адеми, напоменувајќи дека во министерството за образование и наука се работи 365 дена во годината за да се создадат еднакви услови и можности за сите ученици.

слепи2