Нова веб страница со изборна архива за изборите во Македонија

Изборна архива за изборите во Македонија од денеска ќе биде достапна на новата веб страница http://izbornaarhiva.mk/ во која на едно место ги има сите достапни документи за изборните процеси во земјата од првите повеќепартиски парламентарни избори до денес. Проект е на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Марко Трошански, претседател на Институтот за демократија појасни дека на веб страницата посетителите ќе можат на едно место да ги прегледаат сите достапни документи за изборите во Македонија.

– Архивата содржи околу 300 документи во седум категоризирани сесии. Првата ги опфаќа документите за објавување избори со кои располага ДИК, потоа дел кој се однесува на избирачкиот список, дел од кандидатските листи, дел на резултатите од изборите, извештаи од изборите, набљудувачки извештаи и Изборен законик, појасни Трошански, пишува МИА.

Според него, потребата за создавање на Изборната архива произлегува од непостоење официјална државна архива на сите документи и податоци за изборните циклуси од прогласувањето на независноста на Република Македонија.

Jоханес Д. Раи, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, го поздрави проектот и потенцира дека од голема важност е архивата за изборните процеси на државата, која, како што рече, претставува институција за сеќавање.

Изборната архива ги содржи сите документи достапни од Државната изборна комисија, Собранието на Република Македонија и на невладини организации, добиени преку контакт со домашни организации и преку поднесување барања за пристап до информации од јавен карактер. Од Институтот појаснија дека некои документи сѐ уште не се јавно достапни и останува дополнително да бидат вклучени на Изборната архива.

Целта на Изборната архива, според Трошански, е да им овозможи на сите заинтересирани истражувачи, новинари, студенти и граѓани да имаат единствен директен извор на податоци за изборите.

Од Институтот апелираат до сите кои имаат пристап до некој официјален документ за некој од изборните циклуси од 1990 година, а не е вклучен во архивата да го пратат на мејлот contac@izbornaarhiva.mk.