Нова заложничка криза во близина на Париз

Вооружен маж денеска зема неколку заложници во пошта во Коломб, во близина на Париз, соопшти локалната полиција, пренесува МИА.

Засега случајот не се поврзува со минатонеделните исламистички напади во францускиот главен град.

Заложничката криза започна околу 12 часот по Гринич. Маж со огнено оружје се затворил во поштенска филијала во Коломб, соопшти анонимен полициски извор, без да објави колку лица има внатре.

Хеликоптер на полициските служби прелетува околу местото на заложничката криза, а полицијата затвори голем дел околу местото.

Според Француската телевизија, вооружениот маж држи како заложници најверојатно осум лица, додека според весникот „Фигаро“, најмалку едно вооружено лице држи во заложништво две до пет лица.

Француската телевизија БФМ претходно објави дека „идентификуван маж“ земал заложници во пошта во Коломб, во близина на Париз, и дека инцидентот нема терористички карактер. Според локалните медиуми киднаперот е вооружен со оружје со мал калибар и држи седум злаожници.