Новак дојде до титулата во Синсинати и до нов скок на АТП листата

Единствениот трофеј од Мастерс серијата кој досега му недостасуваше на Новак Ѓоковиќ, оној во Синсинати, од синоќа е во сопственост на најдобриот српски тенисер.

Во финалето во Синсинати, Ѓоковиќ го совлада Роџер Федерер по час и половина игра со 2:0 во сетови (6:4, 6:4), а освен што влезе во историјата како прв тенисер кој ги има освоено сите девет Мастерс турнири, српскиот тенисер благодарение на оваа титула дополнително ќе напредува на АТП листата.

Тој во Синсинати пристигна како 10. тенисер на светот, а од денеска тој се искачи за четири места и на новата АТП листа го држи шестото место.

Зад него ќе бидат Марин Чилиќ, Григор Димитров, Доминик Тим и Давид Гофан, додека пред него се Кевин Андерсон на петтата, Зверев на четвртата, Дел Потро на третата позиција, а на врвот остануваат Роџер Федерер на второто и Рафаел Надал на првото место.