Новата книга на Кундера објавена на македонски

Долгоочекуваниот нов наслов на Кундера, оригинално објавен во 2014 година, го доживува своето македонско издание како еден од првите преводи во целиот свет, известува издавачот „Табернакул“. Преводот е на Елизабета Трпковска.

„Да се фрли светлина врз најсериозните проблеми, и, истовремено, да не се изусти ниту една сериозна реченица, да се биде фасциниран од реалноста на современиот свет и, истовремено, да се избегне целиот реализам, тоа е Празникот на безначајноста“, велат од Табернакул.

Милан Кундера е роден во 1929 година во Брно, Чешка. Студирал книжевност, естетика, филмска режија, музикологија. Учествувал во Прашката пролет, кусиот период на реформаторски оптимизам. Од 1975 живее во Париз.

Поради критиката на општествените и политички прилики во родната земја, неговите дела биле забранувани во Чешка.

Денес е едно од култните имиња на современата книжевност. Во неговата библиографија се запишани: Шега, Смешни љубови, Животот е на друго место, Жак и неговиот господар, Проштален валцер, Книгата на смеата и заборавот, Неподносливата леснотија на постоењето, Бесмртност, Изневерени тестаменти, Бавност, Незнаење, Идентитет, Завеса и неговото последно дело, Празникот на безначајноста.