Македонија,Економија

Новата кредитна линија на ЕБОР претставена пред стопанствениците

Новата кредитна линија на ЕБОР претставена пред стопанствениците

На иницијатива на Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а во соработка со Охридска банка, се одржа првата од неколкуте планирани промоции на новата кредитната линија на Европската банка за обнова и развој (WeBSEFF 2) од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, овојпат пред претставниците на стопанските комори во Македонија.

Имено, како што вети Сараќини на минатонеделната средба со претставниците на ЕБОР, со цел поголемо искористување на средствата од овие кредитни линии, во вредност од 75 милиони евра, Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој, во идните три месеци, согласно акциониот план, ќе одржуваат директни средби, најпрвин со стопанските комори во Македонија, а потоа и со стопанствениците од внатрешноста на државата, како и единиците на локалната самоуправат (ЗЕЛС), при што ќе се отвори можност секоја општина, која ќе сака да спроведе проекти за енергетска ефикасност, да може да аплицира за истите.

Како што информираше министерот Сарќини, преку директна комуникација со заинтересираните, претставници од Министерството за економија и ЕБОР ќе даваат техничка помош на компаниите при подготовка на апликација за кредит.

Како потсетување, WeBSEFF II е дел од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, која отпочна да се реализира во декември 2013 година. Истата ќе се имплементира во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Хрватска и Македонија.

Вкупниот износ на финансиски средства кои се обезбедени од ЕБОР за сите земји од Западен Балкан изнесува 75 милиони евра наменети за реализација на мали проекти во приватниот сектор и јавниот сектор, во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Оваа кредитна линија се пласира преку комерцијални банки со кои ЕБОР има склучено  договор, и тоа во досегашниот период склучен е договор со Охридска Банка Сосиете Женерал во Македонија, во износ од шест милиони евра.

За оваа кредитна линија може да аплицираат компании во приватна сопственост, трговци поединци или други приватни правни лица формирани според законите во Република Македонија и општини, јавни или приватни компании кои извршуваат општински услуги и се одговорни за реализација на инвестицијата или компании за енергетски услуги (ЕСКО) кои инвестираат во проекти за енергетска ефикасност во соработка со општини или јавни претпријатија.

Максималниот износ на кредитите можат да бидат до 2 милиони евра за проекти од приватниот сектор и до 2,5 милиони евра за проекти од јавниот сектор. Во случај да постојат повеќе кредити кон истиот клиент од јавниот сектор за различни проекти, тогаш максималниот износ е 5 милиони евра за поединечен субјект од јавниот сектор.

Подготовката на потребната документација за одобрување на проектот се врши од страна на проектните консултанти и е бесплатно за апликантите. Податоците за контакт со проектните консултанти може да се најдат во комерцијалните банки и во проектната канцеларија на WeBSEFF 2.

Условите под кои се доделува кредитот (каматна стапка, грејс период, рок на отплата) се определуваат од страна на комерцијалната банка.

Со обезбедувањето на финансиска поддршка и експертска поддршка од страна на ЕБОР, преку кредитната линија ќе се придонесе значително кон реализација на конкретни проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија кај компании од приватниот сектор, меѓутоа и во општинскиот сектор. Самата реализација на вакви проекти за одржлива енергија ќе придонесе за развој на пазарот на понуда и побарувачка на енергетски услуги, што ќе придонесе и кон поголема конкурентност на македонскиот пазар на услуги.

Реализацијата на овие проекти ќе придонесе за зоглемување на сигурноста во снабдување на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови, како и зголемување на бројот на нови работни места.