Новата медицинска опрема вредна 33 милиони евра ќе значи побрзо и поефикасно лекување

Повеќе од 2.400 медицински апарати вредни околу 20 милиони евра ќе добијат здравствените установи надвор од главниот град, според програмата на ВМРО ДПМНЕ за набавка на медицинска опрема којашто ја презентираше претседателот на партијата, Никола Груевски.

Болницата во Велес и специјалната болница Јасеново ќе добијат 80 нови медицински вредни 921 илјади евра. Директорот на болницата вели најсовремениот дигитален рентген апарат, фако апарат ќе се овозможат побрзо откривање на болестите и нивно навремено лекување. Од опремувањето на велешката болница, вели директорот, бенефит ќе имаат не само велешани, туку и жителите на целиот повардарски регион.

„Ќе биде набавен нова анестезиолошки стол бидејќи сите анестезиолошки столови се постари од 30 години, со тоа ќе се добие ново поквалитетно оперирање на пациентите ќе се набави нов стерилизатор, ќе се набави нов ултразвучен апарат, колоноскоп со којшто ќе ја комплетираме дијагностиката на дигестивниот тракт, нов мобилен рентген за ортопедија со што ќе можеме да оперираме колкови во Велес, а досега тие пациенти мораа да се праќаат во Скопје“, вели доктор Атанас Василев, директор на Општа болница Велес.

aparat-patofiziologija

Кавадарци, како што најави Груевски, меѓу 58 за првпат според програма ќе добие компјутерска томографија. Битолската болница за првпат ќе добие трансректална сонда за биопсија на простата покрај останатите над 140 нови апарати за дијагностика и лекување. За болницата во Штип се планираат 252 апарати вредни повеќе од два милиони евра, додека струмичката болница очекува 125 нови медицински апарати во вредност од околу еден милион евра. Докторите од овие болници велат новата апаратура ќе стави крај на препраќањето пациенти кон Скопје и значително олеснување на третманот на болестите.

„Ќе се добијат нови услуги кои што досега не се давале во општа болница Кавадарци, тие ќе ги добиваат овде во своето место на живеење, ќе се намалат патните трошоци, времето на чекање и ќе се подобри дијагностиката“, вели директорот на Општата болница во Кавадарци.

„Цела разноврсна лепеза на апарати од дигитален мамограф, респиратори ехо апарати, она што беше констатирано како дотраено треба да се обнови или она што го немавме досега, опфатени се речиси сите служби, ретко некоја служба да не е. Претходно сите побарувања од сите служби што е потребно за да не шетаат пациентите подалеку од Битола е цело сумирано и резултат на таа координација е оваа последна инвестиција во здравството“, вели директорот на Клиничкиот центар во Битола, доктор Василе Најдовски.

Институтот за белодробни заболувања и туберколоза за децата во Козле, според програмата, треба да добие десетина нови апарати меѓу кои апарат за видеобронхоскопија и апарат за тестирање за туберколоза. Директорот на Институтот вели опремата ќе овозможи рана дијагноза на многу болести кои се комплицирање на откривање и нивно навремено лекување.

„Конечно имаме една голема сеопфатна програма во којашто се вклучени од здравствен дом, до болници до највисоките институти и клиниките тоа значи дека навремено ќе можеме рано да поставиме дијагнози и тие навремено да бидат упатени во врвните центри за да се постави точна дијагноза да се напишат лекови за да можат децата правилно да се лекуваат, а не како досега да се губат години во дијагностицирање. Ова е голем исчекор и го поздравувам и навистина на македонското здравство ќе му олесни при сите суптилни дијагнози“, вели Зафировски.

 За болниците, клиниките и институтот во Скопје, според најавата на Груевски, се планира набавка на вкупно 1,317 апарати вредни околу 13,5 милиони евра.

„Опремата којашто следува плазма стерилизираторот и останатите апарати ќе значи многу во подобрување на квалитетот на здравствена заштита и безбедност во работата со пациентите“, вели доктор Јасминка Чабуковска, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

„Многу ќе им се помогне на колегите доктори во испитувањето на пациентите и пружањето медицинска заштита“, вели доктор Андон Чибишев.

Груевски најави дека набавката на 3.700 најсовремени медицински апарати вредни 33 милиони евра ќе се спроведе во рок од четири години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.