Новески останува во Германија

Николче Новески и на 36 години нема проблем да си најде ангажман, откако по обелоденувањето на желбата за нов клуб по заминувањето од Мајнц на адресата на искусниот дефанзивец пристигнаа неколку интересни понуди.

Како што информираат германските медиуми, последната дошла од второлигашот Минхен 1860, кој во Македонецот гледа идеално засилување за својата одбранбена линија.

“Иако сезонава одигра само 11 средби за Мајнц, јасно е дека станува збор за голем професионалец, играч со преку 400 средби за оваа екипа, кој би го донел неопходното искуство меѓу „лавовите“ од Минхен” – пишуваат германските медиуми за Новески.

Доколку ја прифати понудата на овој клуб, Новески ќе заигра на еден од најубавите светски стадиони, “Алијанц арена” во Минхен, со оглед на фактот дека Минхен 1860 ја дели оваа арена со германскиот првак Баерн Минхен.