Нови 1.000 работни места во Кичево, КСС стартува со градба во јули

„Ки сејфти системс“ (Key safety sistems) официјално  најави дека ќе инвестира во Македонија. Менаџментот е во земјава и ги финализира подготовките.

Премиерот на Македонија, Никола Груевски, оствари средба со менаџерот на КСС, Џим Скарпа, каде разговараа за деталите за новата инвестиција.

„Работиме на глобално производство на безбедносни производи од автомобилската индустрија. Сега ќе инвестираме во Кичево. Тука сме со тимот, работиме на организациските работи средување на банкарските прашања, комерцијалните прашања во врска со браунфилд делот, градежните работи и друго. Кон крајот на третиот квартал од годинава ќе почнеме со работа на браунфилд локацијата, а паралелно работиме и за гринфилд делот кој што треба да биде оперативен на крајот од вториот квартал од 2015 година, рече Скарпа.

КСС ќе вработи од 800-1000 лица.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, деновиве ги придружувал претставниците на компанијата на посета во Кичево.  Тие барале локации за браунфилд инвестицијата.

„Се сретнавме со локални градежни компании кои треба да им  дадат понуда за времетраењето и трошокот на адаптирање на тие локации .Тоа треба да биде готово до почетокот на јули годинава. Паралелно имавме голем број на состаноци со градежни фирми и со локални архитектонски фирми врз основа на дизајнот кој е веќе е направен. Се работи за објект од 12.500 квадратни метри, слично како објектот на Џонсон Контролс во Штип, рече Мизо.

Градбата на објектот ќе започне во јули.