Нови 10.000 вработувања во 2017 преку владините мерки и програми

Компаниите се повеќе ги користат владините мерки за вработување кои даваат огромни резултати. За тоа зборува и досега најмалата стапка на невработеност во Македонија, 23,1 отсто, рече во средата директорката на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска.

Последниве десет години стапката на невработеност е намалена за 14 отсто, истакна Алексовска.

 

„Дури и во услови на политичка криза, невработеноста постојано бележи пад благодарение на добро креираните владини политики и мерки, истакна Алексовска и додаде дека нови 10.000 директни вработувања се предвидени за годинава, но и други, индиректни преку останатите владини програми. Фирмите, се повеќе ги користат мерките зашто ефектите се евидентни, а преку нив 43.000 лица се вработени од 2007 година до денес“, додаде директорката на Центарот за вработување Скопје.

 

Според Алексовска, позитивниот ефект од мерките се согледува преку фактот дека се намалуваат давачките за компаниите, се стимулира нивниот раст и развој, и истовремено се намалува невработеноста преку креирање услови за отворање нови рабтни места.

 

„Од досегашната примена на политиките за вработување, создадени се можности за зголемување на капацитетите на компаниите и квалитетот на вработените, се стимулира развојот на бизнисите и се создаваат услови за нови работни места. Околу 70 отсто од невработените кои ги поминале обуките предвидени со програмите и мерките веќе работат, и најави дека до крајот на мај годинава ќе се спроведат три едукативни обуки за компаниите подетално да се запознаат со Оперативниот план за вработување“, појасни Алексовска.

 

Годинашниот Оперативен план, како што образложи во продолжение, содржи 23 програми и 11 видови услуги, а во моментов се отворени неколку повици од активните мерки и програми за вработување за кои бизнисот може да се информира во подрачните канцеларии на Агенцијата.

 

„Олеснувањето за фирмите преку владините мерки е во обезбедувањето различни материјални бенефиции како што се субвенциите за плати и придонеси или купувањето нова опрема и репроматеријали, додека придобивка за невработени лица се обуките, преквалификациите, практичната работа“, информираше Алексовска и додаде дека најмалку 30 отсто успешно ги користат владините мерки за вработување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.