Нови 10 наслови на албански јазик од проектот за превод на 1.000 стручни книги

Книжевниот фонд на Државниот универзитет во Тетово од денеска е побогат за уште десет наслови, кои што се дел од владиниот проект, а се од областа на економијата, правото, природно-математичките и биотехничките науки.

„Овие книги претставуваат освежување за научната и стручната јавност во земјата и огромен чекор напред во приближувањето на македонскиот образовен простор до оној на развиените земји и општества“, рече премиерот Никола Груевски.

Премиерот нагласи дека овие книги во минатото многу тешко можеа да се најдат и ретко кој можеше да дојде до нив, но со овој проект сега стануваат лесно достапни.

„Нашата основна цел е преку овие книги да внесеме нови знаења кај нашите граѓани. Таквите нови знаења, компатибилни со врвната светска наука на нашите граѓани им дава дополнителна интелектуална вредност. Таквата вредност ќе им помогне во многу сегменти од нивниот живот“, рече премиерот на денешната промоција.

Колку е човек пообразован, смета премиерот, толку е побогат за себе, за своето семејство, за своата околина, и секако за својата држава.

„За нас е важно да имаме образована и висококвалификувана работна сила, не е важна припадноста, туку важно е да имаме силни индивидуи кои ќе бидат успешни во својата област“, потенцираше на крајот Груевски.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, нагласи дека од особена важност е да се користат овие книги, бидејќи тоа што ќе се прочита во нив го нема на друго место.

„Тоа што ќе се прочита и научи од овие книги го нема во скриптите и затоа овие светски учебници и научни книги полека стануваат број еден избор кога е во прашање академското образование во Македонија“, истакна Ристовски.

И премиерот и ресорниот министер овие книги ги препорачуваат како приоритетна и првостепена литература на нашите универзитети.

Книгите се достапни за пошироката читателска јавност кои имаат интерес за некоја од споменатите области. Овие книги се преведени на албански јазик што во многу им се олеснува за тие оние на кои наставаата им е на тој јазик.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.