Нови 100 милиони евра за компаниите со субвенционирана камата

Ветуваме за компаниите нови 100 милиони евра кредити со субвенционирана камата од пет ипол отсто, истакна на вечерашниот митинг во Струмица лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој ја промовираше партиската програма.

„Ова беше еден од клучните чекори што ги направивме за време на кризата. Кога сите очекуваа, кога почна светската криза и европската должничка криза дека каматите на кредитите ќе пораснат на 10 и 15 отсто затоа што така беше во другите држави, ние владиниот тим најдовме решение за изнаоѓање на кредитни линии и за нивно субвенционирање, па наместо 10 или 15 отсто фирмите почнаа да плаќаат пониска камата и од таа што ја плаќале пред да започне кризата. Со цел да помогнеме во време на кризата да не дојде до отпуштање на вработените и со тоа зголемување на невработеноста“, посочи Груевски.

Тој нагласи дека таа стратегија успеала и наместо да расте невработеноста, сред криза со субвенционирани камати, таа се намалила.