Нови 260 вработувања во фабрика во Крушево

Нова инвестиција во текстилната индустрија во Крушево. Компанијата ОРКА Холдинг ја презеде текстилната фабрика од поранешен „Голд текст“ заедно со 60-те вработени и планира да вработи уште минимум од 200 до 250 луѓе. Ќе произведуваат сакоа и капути, а целото производство ќе биде наменето за извоз за скоро сите земји од Западна Европа, објави МРТ.

-Нашата компанија има можност да од фирма која што сега вработува 60 луѓе да побара и има пласман за повеќе од 250 вработени. Тоа беше пресудно кога одлучивме да инвестираме во Крушево, истакна Кристина Камчева Стојчевска, сопственик на ОРКА Холдинг, пренесе телевизијата.

Претходниот сопственик вели дека е среќен што конечно пронашле сериозен партнер кој што ќе ја продолжи нивната работа, и ќе овозможи голем број на вработувања во Крушево.

-Имавме среќа да најдеме партнер со кого взаемно си веруваме и од кого побаравме да се ангажираат во нашето родно место, во нашата фабрика се со цел да оствари основната намера, а тоа е да има што е можно повеќе вработувања, рече Кочо Моцан, сопственик на „Голд Текст“.

Од локалната самоуправа за МРТ велат дека Крушево полека се отвора за инвеститорите, а веќе во најава било отворање на уште текстилна фабрика.

-Навистина ова е е еден прекрасен настан кој веќе 20 години се нема случено во Крушево, а тоа е отворање на еден нов погон, вложување, инвестиции, отворање на нови работни места кои и тоа како ќе ја подобрат целата економска слика во градот. Исто така вече во најава е отворање на уште еден погон од текстилната индустрија која веќе бара погон кај нас“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево за МРТ.

Од компанијата ОРКА Холдинг велат дека во тек е огласот за вработување и ги повикуваат сите заинтересирани, кои што сакаат да работат тука, да аплицираат на него.