Нови 3.156 заболени од грип

Во првата недела од февруари се пријавени 3.156 новозаболени од грип, што во однос на минатата недела претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи за 34,3 отсто.Вкупниот број на заболени сезонава изнесува 10.934.

Во споредба со бројот на заболени од истиот период лани, се бележи зголемување за 29,7 отсто, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 2.658, се регистрира зголемување за 18,7 отсто.

Во овој период регистрирани се три смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип. Последниот регистриран смртен случај е жена на 74-годишна возраст, која била интензивно лекувана една недела на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.Пациентката била со историја на хронична болест на белите дробови, хипертензија и бубрежна слабост. Потврдена е како инфекција со инфлуенца А вирусот.

Во споредба со истиот период минатата година (8.098 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 35 отсто а во однос на просекот за 10-годишниот период (9.224) се регистрира зголемување за 18,5 отсто.