Нови 305 милиони евра од ЕБОР за Македонија за подобрување на патниот и железничкиот сообраќај

530

Европската банка за обнова и развој и одобри на Република Македонија средства во вкупен износ од 305 милиони евра и тоа: 145 милиони евра за втората фаза од железничката пруга кон Бугарија, односно Бељаковце – Крива Паланка и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта.

Средствата се добиени под исклучително поволни услови (условите се исти за двата кредита): рок на отплата 15 години со грејс период од 4 години и каматна стапка која во моментов изнесува 1,15% (6 – месечен ЕУРИБОР плус 1%).

Со 145-те милиони евра кои ги одобри ЕБОР за изградба и реконструкција на постоечките делови од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, обезбедени се сите потребни средства за да се заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија . Со изградбата на оваа делница ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите и зголемување на бруто домашниот производ.

За квалитетна подготовка на втората фаза ЕБОР преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан на РМ и додели грант во износ од 5.700.000 евра за изработка на основниот проект и покривање на дел од трошоците за надзор на градежните работи. Дополнително, ЕБОР ќе обезбеди грант средства во износ од 670.000 евра за консултантска помош за имплементација на проектот.

За Делницата 3 од Коридорот VIII: Крива Паланка – граница со Република Бугарија средствата ќе се обезбедат по завршување на сите подготвителни активности за оваа делница. Финансирањето ќе се обезбеди со грант од ИПА 2014-2020 и заем од меѓународни финансиски институции.

ЕБОР одобри и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта. Овој проект е дел од политиката на Владата за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија. Проектот ќе го имплементира ЈП за државни патишта.

Реализацијата на Програмата за национални патишта ќе биде поделена во две транши.

Првата транша во износ од 74 милиони евра ќе се користи за изградба на експресен пат, делница мост на р. Раец – клучка Дреново и за реконструкција на патниот правец Штип-Кочани на ниво на експресен пат. Со реконструкцијата на постојаниот пат Штип-Кочани на ниво на експресен пат, постојаните проблеми ќе бидат решени, а брзината на движење од сегашните 50(60) км/час ќе се зголеми на 100 км/час. Ќе се изврши реконструкција и проширување на постојаната ширина на коловозот од 6,5 м на 12 м во должина од 26 км. Трасата започнува од Штип потоа продолжува меѓу населените места Чардаклија, Долни Балаван, Крупиште, Чифлик, Облешево и завршува во Кочани. Експресниот пат ќе биде од големо значање за економскиот развој на Источна Македонија, а особено за развој на земјоделието.

Втората транша во износ од 86 милиони евра ќе се намени за изградба на патните правци: експресен пат Охрид-Пештани и автопат Струга –Требеништа. Изградбата на новиот експресен пат Охрид – Пештани во должина од 14,5 км ќе се гради паралелно на постојаниот пат покрај плажите, а во понатамошниот период ќе биде меѓусебно поврзан со попречни локални патишта. Со изградба на оваа делница на ниво на експресен пат ќе се олесни протокот на сообраќајот низ населените места особено во летните месеци од годината. Автопатската делница Требениште – Струга е со должина од 8,5 км. Автопатското решение предвидува изградба на нова делница со коловоз од по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м во секој правец. Проектна брзина за движење на возилата ќе биде 120(130) км/час.

По усвојување на Предлог законите за овие заеми ќе се склучат договори меѓу Република Македонија и ЕБОР и „Македонски железници“, односно ЈП Патишта.

Овие 305 милиони евра инвестиции во инфраструктурни проекти значат нови работни места, значат работа за македонските фирми, значат економски развој на земјава. Европската банка за обнова и развој со овие средства дава поддршка на политиките на јавни инвестиции кои ги спроведува Владата на РМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.