петок, 26 мај 2017  |  Вести денес: 0

Нови 50 микро бизниси во Полошко и североисточниот регион

бизниси

Последни вести

Преку проект што го поддржа Британската амбасада изминативе две години се отворени нови 50 микро бизниси од различни дејности во полошкиот и североисточниот регион.

Како што беше речено на денешниот завршен настан, организиран како саемска манифестација, бизнисите се од секторите земјоделство и производство на храна, текстил, ракотворби, услужно занаетчитсво,…, од домашна работилница до „он-лајн“ пазар, дизајн кој ги облагородува објектите, одгледување печурки, органски произведени јајца,…

Засега егзистираат локално, допрва ќе треба да го обезбедат своето место на пазарот, во прометот и услугите.

– Бројот на вработени жени и млади луѓе во руралните средини е многу мал. Токму тоа и беше целта на проектот, да се зголеми можноста за самовработување, но особено на овие две категории жители, истакна британскиот амбасадор Чарлс Гарет, пренесува МИА.

Самовработувањето, додаде, е одлична можност за секој што има добра бизнис идеа и што сака да основа сопствен, семеен бизнис.

Според Борче Божиновски од Министерството за труд и социјална политика, многу е битно и тоа што со проектот беа опфатени мултиетнички средини, Боговиње, Бреница, Врапчиште, Теарце, Јегуновце, Старо Нагоричане, Липково, Ранковце,…

– Целта беше подобрување на деловните пракси, како и обезбедување долгорочни решенија за одржлив раст и развој на овие општини, нагласи Божиновски, порачувајќи дека модерниот претприемач не е само оној што презема каков било ризик за бизнис потфат, туку и континуиран иноватор кој со своите пазарно препозналиви производи и услуги, јасно ја определуваат насоката на својот иден развој.

Во рамки на проектот чија реализација почна во јуни 2014 година, повеќе од 160 лица изготвија бизнис планови, а голем дел поминаа и различни обуки.

Најчитани вести