Нови 500 вработувања во фабрика за обработка на техничко дрво

Компанијата „ Еуро Њујорк Ма-Воод“ во сопственост на турскиот државјанин Халид Ибрахим Кучукдевеџи од Истанбул ќе отвори фабрика во Македонија за преработка на техничко дрво, а финалниот производ ќе го извезува на европските пазари. Станува збор за инвестиција вредна од над 2 милиони евра со која ќе се отворат 500 нови работни места.

Компанијата денеска потпиша меморандум за соработка и рамковен договор за 10 години со ЈП„ Македонски шуми“ со што беше догворено дека техничкото дрво што ќе се обработува ќе биде од Македонија односно ќе го испорачуваат ЈП„Македонски шуми“.

-Ова е прв таков договор на ЈП„ Македонски шуми“ каде што предвидуваме со партнерот од Турција да соработуваме во рамките на нашето производство особено на техничкото дрво каде што на годишно ниво ние како ЈП„ Македонски шуми“ годишно се обврзуваме да му испорачуваме 25.000 метри кубни техничко дрво од сите видови и тоа да го гарантираме секоја година за што ќе склучуваме годишни договори, изјави директорот на ЈП„ Македонски шуми, Жарко Караџоски.

Караџоски истакна дека за таа цел ЈП„ Македонски шуми“ се обврзува да и излезе во пресрет на компанијата со тоа што ќе отстапи дел од своите деловни објекти кои што на некој начин се руинирани.

Тој додаде дека старите заостанати пилни кои не се во функција ќе се растартираат и прераснат во модерна фабрика која што ќе биде на минимум 50000 квадратни метри простор која ќе донесе нови машини и ќе извезува на европските пазари.

Турскиот бизнисмен Халид Ибрахим Кучукдевеџи рече дека планира првата година да инвестира околу 2 милиони евра, додека веќе во наредните години инвестицијата ќе се зголеми.

Тој истакна дека очекува да биде прифатен како инвеститор и најави дека постојат можости да се зголеми побарувачката за техничко дрво веќе од нардната година, а и бројата на вработени ќе се зголемува. Кучукдевеџи потенцираше дека покрај тоа што ќе се обидат да го зголемат производството ќе се заложат и за обновување на природното дрво.