Нови 60 аудио книги за лица со оштетен вид

Нови 60 аудио книги за лица со оштетен вид

Нови 60 аудио книги за лица со оштетен вид од проектот „400 аудио книги за лицата со визуелен хендикеп“ беа промовирани денеска. Досега се издадени 80 аудио книги, а се очекува до крајот на оваа година да бидат промовирани уште 200 книги. Станува збор за проект од особена важност за лицата со визуелен хендикеп преку кој ќе се овозможи унапредување на образовниот процес на слепите лица и ќе се подигне нивото на нивната интелектуална култура.

Овој проект го реализира Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за култура.

Министерот Диме Спасов информираше дека во овие нови 60 наслови на аудио книги се содржани детски приказни, лектири за основно и средно образование, научна литература, книги за историјата на Р. Македонија и бестселери.

-Ове книги ќе ги отстапиме на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ по 5 копии од секој наслов, дополнително по 3 копии ќе добие Националниот сојуз за слепи лица и по 2 копии ќе добие школото за слепи лица „ Димитар Влахов“, истакна Спасов.

Тој посочи дека и понатаму ќе продолжи да се зголемува фондот на аудио книги за слепи лица, и најави дека до крајот на годината ќе бидат промовирани уште 200 наслови.

Министерот информираше дека досега е издвоен околу 2 и пол милиони денари  за реализација на овој проект и потенцираше дека ќе бидат релизрани и многу други проекти преку кој ќе се подобри животот на слепите лица.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска истакна дека овој проект е еден од многуте проекти кои се реализираа во изминатиот период во насока на задоволување на културните, образовните и информативните потреби на лицата со оштетен вид.

-Ќе потсетам дека Владата на РМ експлицитно ја презентираше својата грижа за слепите лица со формирањето на библиотечниот центар во рамките на НУБ „Св. Климент Охридски”, кој овозможи доближување до книгата на широк круг на визуелно хендикепирани читатели во Македонија. Со основањето на ова одделение се обезбеди целосна концентрација на книжните фондови (Брајови, звучни и електронски), како и постојано ангажирање на оспособениот кадар за вршење на оваа дејност. Исто така културно-научната дејност на овој центар стана значајна и силна поткрепа за интегрирањето на децата без вид во редовниот систем на образованието, рече Канческа-Милеска.

Министерката посочи дека новите 60 аудио книги се дела на еминентни автори од сите генерации писатели од Република Македонија и од светот, и се дела со високи книжевно-естетски вредности.

-Во овие наслови се вклучени наградуваните остварувања на Венко Андоновски, Блаже Миневски, Стојан Тарапуза, Александар Прокопиев, но и значајните дела на најафирмираните поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори и есеисти од светската литература  како Коелјо, Свифт, Даниел, Кафка. Од исклучителна важност е што  токму овие наслови кои ќе бидат достапни и во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица, потенцираше Канческа Милеска.

Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи на Македонија изрази задоволство од реализацијата на овој проект бидејќи како што рече членовите на сојузот  ќе имаат можност полесно да се надоградуваат и образуваат.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван К. Заров рече дека Центарот за слепи и слабовидни лица, кој функционира во рамки на оваа институција и каде, меѓу другите, се и аудиокнигите од овој проект, им дава информациски и библиотечни услуги на корисниците со оштетен вид.

– Со опремата со која располага, но и со опремата што допрва треба да се обезбеди, ќе ги обединува сите услуги за лицата со оштетен вид во Македонија. Користењето на печатените материјали на Брајово писмо и на снимените аудио материјали односно звучни книги за слепите и за слабовидните лица е бесплатно, рече Заров.

Досега, со претходните две и денешната промоција, достапни на корисниците им се вкупно 160 наслови на книги снимени во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.