Македонија

Нови 60 лекари од САД ќе дојдат да ги обучуваат македонските колеги

Нови 60 лекари од САД ќе дојдат да ги обучуваат македонските колеги

Врвни лекари специјалисти (24) од различни области успешно ја завршија третата односно пролетната сезона од Програмата за престој на специјалисти од САД во Македонија. Со своето присуство во Македонија соработуваа со лекарите во јавните здравствени установи се со цел да се подгине нивото на здравствените услуги.

„Како посебен успех во пролетната сезона би го истакнал тоа што доктор Лес Валтерс на Клиниката за кардиологија ја изврши првата процедура на аортна балон валвуло пластика за пациенти кои не се во можност да одат на отворена операција на срце.Оваа процедура е првиот чекор кон најсовремениот третман на аортна валвула,“ изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Над 60 специјалисти од САД престојуваа во Македонија во рамките на оваа програма со цел да придонесат за унапредување на здравствената заштита и сите недвосмислено изразиле желба да дојдат, како и 200 други специјалисти сакале да бидат вклучени во оваа програма.Овие доктори го пренесуваа своето знаење и на студентите на медицина, бидејќи секоја недела се организираа стручни предавања во Скопје,Штип и Тетово.

За претстојната сезона, предвидено е преку 60 лекари, односно три специјализирани тимови да дојдат од САД во Македонија.

„Станува збор за педијатриски тим за невролошки развој кај децата кој ќе го сочинуваат осум водечки експерти во дијагностицирање на аутизам и други болести во развојот. Вториот тим е од областа на хирургијата и трауматологијата кои ќе го сочинуваат шест лекари експерти од оваа област кои ќе вршат доедукација на 40 хирурзи за третирање на ургентни трауматолошки состојби каде минутите се критични во лекувањето.Третиот тип ќе бидат програмите за специјализија со што ќе се подигнат стандардите во оваа област,“изјави Тодоров.

Во есенската сезона ќе престојува и васкуларен хирург кој ќе работи на унапредување на хируршките техники, а еден анестезиолог заедно со неговото семејство ќе се преселат на една година.

Проект-менаџерот на американските лекари кои доаѓаат, доктор Енди Сандерс ја потенцираше визијата на македонскиот министер за здравство Никола Тодоров за развојот на македонското здравство. Тој истакна дека многу земји имаат практика да ангажираат лекари специјалисти кои ќе помогнат во развојот на вештините на нивните лекари, но никаде не е вака како во македонското здравство.

„Многу американски лекари се заинтересирани да дојдат во Македонија и да им помогнат на колегите во развојот на нивните вештини и да се унапреди здравствената заштита. Нема некоја поголема разлика меѓу знаењето на македонските и американските лекари, но некаде е потребно да се унапредат здравствената заштита, технологијата и вештините,“ изјави Сандерс.

Министерот Тодоров истакна дека следниот период ќе се даде голем акцент на структуирање на програмите за специјализација, преку кои лекарот кога ќе ја помине истата треба да биде обучен да работи се.Тимови од САД ќе ги евалуираат програмите за специјализација и со нивна помош ќе се одобруваат програмите за специјализација и ќе се гради овој систем, кој е многу значаен за македонското здравство.

„Многу важен дел во здравството е програмите да се унапредат. Важно е да знаеме што продуцираме, каков кадар, на што треба да се одговори. Од целиот проект кој што го водиме со лекарите од САД излезе на површина дека треба да се помогне во структурата на програмите за специјализација,“ изјави Тодоров.