Нови апарати за брза и точна детекција на тубeркулозата

Два нови апарати за брза, навремена и 100 отсто точна детекција на туберкулозата, набавени преку Глобалниот фонд функционираат на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје. Со апаратите во рок од 24 часа до 48 часа може точно да се детектира на ниво на ДНК туберкулоза и може да се утврди дали има резистентност на определена терапија.

Вредноста на апаратите заедно со набавениот потрошен материјал е над 70.000 евра.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и изјави дека едниот апарат овозможува да се прави брза дијагностика која е на ниво на ДНК и сериозно го забрзал времето на добивање на 100 отсто точна дијагноза на 24 часа до 48 часа во споредба со она што го имало порано, кога, иако можело во тој период да се детектира туберкулозата, сепак не можело да се детектира со 100 отсто точност и поради тоа се правеле дополнителни испитувања кои понекогаш траеле од месец до месец и половина, пишува МИА.

Денеска, посочи министерот, тие испитувања се прават за 24 часа што значи дека времето за чекање на точната дијагноза се скрати од еден и пол месец на еден ден. Потенцира дека втората работа која исто така е многу значајна е резистентноста на определен тип терапија на лицата болни од туберкулоза, за што по овој месец и половина чекање се правела и дополнителна анализа која траела исто така уште еден и пол месец.

– Тоа е период од три месеци кој требало да помине за да се утврди 100 отсто точна дијагноза и да се утврди дали има определена резистентност. Сега целиот тој период е сведен за 24 до 48 часа што значи сериозно намалување на времето за добивање на резултатот и подигнување на нивото на квалитетно лекување на болните, рече Тодоров.

Нагласи дека имајќи предвид какви биле методите кои се работеле порано, се случувало некој пациент да се лекува и до три месеци, а потоа да се констатира дека е резистентен на таа терапија и таа да се промени. Додаде дека со новата апаратура тоа веќе нема да се случува.

Директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, Билјана Илиевска Попоска рече дека значително е напредната дијагностиката на заболувањето и очекуваат со новите тестови да придонесат за натамошно намалување и што поуспешно лекување на болните од туберкулоза во Македонија.

Појасни дека другиот нов тест познат како квантиферон кој се применува, детектира инфекција само од хуманиот тип туберкулозни бактерии, што значи, укажа, ќе ги открие вистинските носители на туберкулозната инфекција и ќе придонесе на натамошна што поуспешна контрола на туберкулозна инфекција и на туберкулозата како болест. Додаде дека имаат обучен кадар кој ги применува тестовите.

Во врска со бројот на заболени од туберкулоза, рече дека има континуирано намалување во последните десеттина години.