Нови апсења на дилери во рамки на акцијата „Мрежа“

Во рамки на акцијата „Мрежа“ МВР во два одделни случаи заплени 168,84 грама марихуана, 1,14 грама амфетамин и две “џоинт“ цигари односно 1,1 грам мешавина од марихуана и тутун наменети за улична продажба.

Поднесена е кривична пријава против П.С. (26), Т.Д.(24), П.А. (23) и Р.К. (34) бидејќи неовластено произведувале и продавале наркотичнисредства. На пријавените им е изречена мерка притвор во траење од по 30 дена.

Лицето П.С. кај кого по извршен претрес се пронајдени 20.900 денари, извршило продажба на марихуана на лицето Т.Д. заради понатамошна препродажба. По извршен претрес на две локации во домот на Т.Д. пронајдени биле 61,7 грама марихуана и дигитална вага.

Претходно на 14-ти овој месец Т.Д. извршил продажба на марихуана на лицето П.А. по цена од 6.000 денари заради натамошна препродажба, а при претрес на П.А. била пронајдена и одземена марихуана. Исто така извршен е претрес и во неговиот дом при што во кутија од цигари пронајдени се три најлонски паковки и една хартиена паковка со марихуана со вкупна нето маса од 94,84 грама и 1,14 грама амфетамин.

Во врска со овој случај извршен е и претрес и кај лицето Р.К. пријателка на Т.Д. кај која истиот криел дел од дрогата која била наменета за улична продажба, при што пронајдени се три зипер пакувања со марихуана во количина од околу 12,03 грама и две џоинт цигари.