Нови аптеки ќе се отворат во 46 села низ земјава

Проектот Аптекарска станица во населено место во рурална средина е дизајниран да обезбеди континуирана примарна здравствена заштита за осигурениците. Аптекарските станици се отвораат согласно потребите утврдени во мрежата на здравствени установи на Министерството за здравство, бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места.

За таа цел со измената на Законот за лекови и медицински помагала е предвидeно здравствената установа – аптека, што има две или повеќе организациони единици-аптеки, во состав на подрачјето на иста општина, задолжително на секои две организациони единици-аптеки во нејзин состав да отвори и организациона единица–аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина. Со цел да се мотивираат аптеките да отвораат аптекарски станици, со Законот за лекови се овозможи истите да немаат комплетен фармацевтски тим, односно да можат да работат само со фармацевтски техничар.

ФЗОМ годишно издвојува значителна сума од скоро 2,5 милијарди денари за лекови за граѓаните во земјава. Тие соодветно се распределени на околу 750 аптеки и уште 46 аптекарски станици во земјава со што сакаме да овозможиме, граѓаните да заштедат и пари и време за набавка на неопходните лекови. Воедно со тоа овозможуваме и отворање на нови работни места.

Со аптекарските станици директно ќе бидат опфатени повеќе од 90 илјади граѓани кои живеат во руралните средини каде е сместена аптекарската станица, како и огромен број граѓани кои живеат во соседните населени места. Важно е да се потенцира дека децении наназад, а некои населени места никогаш немале аптеки, а граѓаните од овие места биле приморани да патуваат до најблискиот град за да можат да подигнат лек на рецепт. Со овој проект го решаваме повеќедеценискиот проблем на граѓаните и овозможуваме тие да имаат поголема достапност до лековите на рецепт.

Придобивките од овој проект се значајни за граѓаните кои живеат во руралните средини. Со овој проект се предвидени 46 аптекaрски станици на територијата на цела Македонија, од кои 45 се комплетно завршени. Потпишани се договорите помеѓу ФЗОМ и аптеките во следниве населени места: село Могила и село Долно Оризари, Битола; село Русиново, Берово; село Истибања, Виница; село Горно Јаболчиште и село Бузалково, Велес; Лозово; село Чајле, село Здуње и село Врапчиште, Гостивар; село Облешево, село Чешиново и село Оризари, Кочани; Зрновци ; село Конопница, Крива Паланка; село Лопате, село Романовце и село Липково, Куманово; село Дебреште, село Лажани, село Ропотово и село Житоше, Прилеп; село Конче и село Ињево; село Ораовица-Радовиш,; село Крани и село Царев Двор, Ресен; село Рашче, село Миладиновци, Зелениково, село Инџиково, село Маџари, село Бардовци, Пинтија во Скопје; село Велешта, село Боровец, село Радолишта, село Октиси и село Мислешево, Струга; село Дабиле, село Куклиш и село Банско, Струмица; село Нераште, село Палатица и село Жеровјане, Тетово.

Преостанатата една аптека е во процедура и се очекува во најбрз можен рок да се потпише договорот меѓу Фондот и аптекарската станица во село Слупчане, Липково, Куманово. Со тоа ќе им се овозможи на најголем дел од граѓаните во руралните средини да имаат можност за лесна достапност на лековите што се на товар на ФЗОМ. Фондот за сите 46 аптекарски станици ќе одвојува 31.4 милиони денари годишно.