Нови автопати, пруги, електронски услуги – најголемите проекти на Транспорт во 2013

Стартот на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, железничката пруга кон Бугарија, набавката на нови вагони како и воведување на електронското издавање на одобренија за градба, се најзначајните од низата проекти на Министерството за транспорт и врски во 2013 година.

„Реализацијата на овие проекти има за цел унапредување и развој на патната инфраструктура, постигнување на стандардите во транспортниот сектор за модерен, безбеден, добро одржуван и интегриран транспортен систем, прилагоден на потребите на државата и со цел овозможување одржлив развој и пораст на економијата. подигнувањето на квалитетот на државните патишта на ниво на автопати, ќе доведе до повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки“, вели министерот Миле Јанакиески.

Од делницата Демир Капија – Смоквица, чија изградба ќе чини 210 милиони евра,  во должина од 28 километри веќе се изградени 29 отсто, првиот тунел е 50 отсто пробиен, а  целата траса веќе е расчистена.

Пругата Куманово – Бељаковце, која е првата фаза од железничкото поврзување со Бугарија  ќе чини 46,4 милиони евра.

„Паралелно со ова, работиме на обезбедување на финансиски средства за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка и за последната делница Крива Паланка-Деве Баир, граница со Република Бугарија“, вели Јанакиески.

Министерот како еден од најголемите проекти реализирани во 2013 година го истакна воведувањето на електронското издавање на градежни дозволи.

„ Со оваа реформа се овозможува поголема градежна експанзија и изградба, односно побрзо отпочнување на изградбата на нови објекти, кои се зацртани во деталните урбанистички планови на општините во Република Македонија. Тоа ќе придонесе и кон подобар локален економски развој и подобрување на околностите за започнување бизнис во Република Македонија. Моментален просечен период за добивање на одобрение за градење, согласно податоците за месец декември 2013 година е 20 дена. Дополнително на ова, во 2013 ја поведовме и иницијативата за воведување на електронски систем за подготовка на урбанистичките планови и давање на согласност, со што целиот овој процес ќе биде заокружен и дигитализиран, а месецов очекувам да се распише повик за изработка на овој електронски систем“, вели Јанакиески.

Министерството реализираше проекти и во комунално-станбената инфраструктура, управуваање со градежното земјиште, патниот и воздушниот сообраќај.