Свет

Нови четири жртви во Украина, Велигденското примирје е нарушено

Нови четири жртви во Украина, Велигденското примирје е нарушено

Четири лица загинале во престрелка во близина на Славјанск, во првото посериозно нарушување на велигденското примирје. Поглаварите на украинската и руската црква си разменуваат обвинувања, пишува Дојче Веле.

Четири лица, од нив тројца проруски активисти, ги загубиле животите утрово во престрелка која се случила во близина на Славјанск на истокот на Украина. Престрелката се случила на барикади кај местото Билбасивк, оддалечено неколку километри од Славјанск, кој е под целосна контрола на проруските сили. Според непотврдени информации, група од 20 вооружени лица, најверојатно украински радикали, се обиделе да ја пробијат барикадата која под контрола ја држеле проруски бунтовници.

Проруските бунтовници, кои ги држат под контрола зградите на украинската влада во повеќе од 10 градови на истокот на земјата, претходно соопштија дека ќе ги напуштат објектите само доколку привремената украинска влада поднесе оставка.

Престрелката го наруши претходно најавеното велигденско примирје на украинската влада во Киев.

Дури ни велгиденските посланија на поглаварите на двете православни цркви во Москва и во Киев не минаа без политички препукувања и обвинувања.

Украинскиот патријарх Филарет пред верниците во Киев порача дека Русија е „непријател“, а нејзиниот напад врз Украина е осуден на неуспех бидејќи е „зол и спротивен на волјата Господова“.