НОВИ ДЕТАЛИ: Оператор на МВР преку телефон го слушнал двојното убситво во Волково

Престани да ни се закануваш, ќе те пријавам во полиција! Ова биле последните зборови што Снежана Николовска (57) од скопско Волково му ги упатила на соседот Дончо Ѓ. (45), некогашен припадник на Специјалната полициска единица, пред тој да ја убие неа и нејзината мајка Елена Велјановска, а потоа и самиот да си пресуди пукајќи си в глава.

Kрвавото двојно убиство и самоубиство се случиле завчеравечер во Волково, а двете семејства живееле куќа до куќа. Причина зошто Дончо одлучил да им пресуди на Снежана и на Елена била наводната љубовна врска што ја имал со ќерката на Снежана која неодамна заминала на брод, пишува ДНЕВНИК.

Неофицијално, пресудна била СМС-пораката што љубовницата неколку часа пред убиството му ја пратила на Дончо: „Прави што сакаш. Имаш жена и деца, мене оставиме на мира“, по што Дончо отишол во куќата на нејзините мајка и баба и со пушка ги убил двете жени, а потоа се самоубил.

Соседите за весникот раскажуваат дека не можејќи да го поднесе фактот дека младата девојка заминала и дека нивната љубовна врска е завршена, Дончо постојано им се заканувал на сосетките. Жените наводно трпеле вербално малтретирање од него, па сакале да се заштитат пријавувајќи го во полиција. Дента кога се случило убиството, Дончо излегол од куќата по што Снежана во 19.25 часот се јавила на 192 за да пријави дека соседот им се заканува дека ќе ги убие неа и нејзината мајка.

Додека зборувала со полицијата, Дончо повторно се вратил во куќата но вооружен со пушка. Тогаш се слушнало силно тропање и кршење на стакло, а потоа и пискотници, по што линијата се прекинала. Дончо влегол во куќата и ја застрелал Снежана во главата, а нејзината мајка Елена ја застрелал во градниот кош. Двете жени починале веднаш. Откако ги убил, вооружениот маж излегол во дворот, застанал покрај скалите од куќата и си пукал во брадата. Полицијата веднаш заминала на местото. Во дворот од куќата било пронајдено безживотното тело на Дончо, а во една од собите и во ходникот облеани во крв биле телата на Елена и нејзината ќерка Снежана.

Дончо бил вработен во МВР. Порано бил полицаец во една од специјалните единици, а оттаму бил прераспределен да работи како магационер во Одделот за општи и заеднички работи во МВР. Тој бил женет и татко на две деца. Во Волково велат дека важел за избувлив и агресивен човек, кој знаел да пука во воздух на разни веселби и свечености, но и без некоја посебна причина. Поседувал разновидно оружје, а злосторствата ги извршил со пушка која, според полицијата, не била ловна, туку била преправена. Пушката била земена за вештачење.

Соседите на Дончо и на убиените Елена и Снежана со кои вчера разговаравме ни кажаа дека знаеле за љубовната врска на Дончо и ќерката на Снежана, која пред два месеца заминала да работи на брод. Претпоставуваат дека ќерката на Снежана го оставила Дончо, кој, пак, вината за раскинувањето ја барал кај мајката на девојката и нејзината баба и не можел да поднесе дека љубовницата го напуштила и заминала во странство.

Според полицијата, во точно 19.20 часот почнал вооружениот поход на убиецот чија куќа е веднаш под куќата на убиените Снежана и Елена, односно ги дели само ограда, на улицата 103, кај плоштадот на главната улица во селото.

Жителите раскажуваат дека пресудна била СМС-порака што љубовницата неколку часа пред убиството му ја испратила на Дончо. Тој почнал на цел глас да и’ вика на Снежана, да и’ каже каде точно се наоѓа девојката, како можела да ја пушти да работи на брод и да ја врати дома. Викотниците ги чуле и соседите.

Бев во дворот и чув викање. По гласот знаев дека е Дончо бидејќи често беше агресивен и се расправаше со луѓето во селово. По неколку минути чув пукање, но не помислив дека е нешто страшно бидејќи сите знаевме дека дома чува цел арсенал оружје и одвреме навреме пукаше по некој куршум додека седи во дворот – ни кажа еден од соседите на убиените.

„Веројатно го изгубил разумот, оти кога се слушнале пукотниците, еден од соседите му префрлил: „Што правиш?, а тој му рекол да бега оти и него ќе го убие“, раскажуваат во Волково. Според нив, таткото на младата девојка бил починат, но имала сестра која била мажена и не живеела со мајка си и баба си.

Соседите велат дека Дончо неколку години бил во врска со помладата сосетка, за што знаела и неговата сопруга која се жалела дека подолго време ја малтретира. Според СВР Скопје, Дончо досега не бил пријавуван во полиција.

Мобилните ќе ја расветлат причината за убиствата

Мобилните телефони кои се пронајдени на местото на настанот може да ги расветлат причините за двојното убиство. Според првичните информации, на кривичното дело му претходела интензивна комуникација која може да расветли детали за кривично правниот настан.

Во насока на расветлување на настанот, обвинителот издаде наредби за вршење обдукција на починатите, наредби за собирање траги од местото, ДНK вештачење, фотографирање и распит на лица со прибирање на докази и податоци, велат од Обвинителството.

Обвинителството наредило Секторот за внатрешната контрола на МВР да го испита случајот и да достави целосен извештај за поведението на Дончо, односно дали досега бил пријавуван и за преземените дејствија од внатрешна контрола и редовните полициски служби во врска со неговите постапки.