НОВИ ДЕТАЛИ: Паднаа вкупно 6 професори на Економски – меѓу нив и еден член на МАНУ

Вкупно осум лица се осомничени во акцијата која МВР ја води под кодното име „Ерaзмус“ во акцијата која од утрово се одвивала на Економскиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј, објави Press24 повикувајќи се на извори во истрагата.

Според првичните и се уште неофицијални информации, шестмина од осомничените се професори кои биле вработени на факултетот, а две лица се водат како помагачи. Како што веќе објавивме, до овој момент приведено е само едно лице. Станува збор за познатиот професор Бобек Шуклев. По останатите 7 лица полицијата се уште трага.

Според првичните и се уште непотврдени информации, меѓу лицата по кои се трага се наоѓа и еден високо позициониран член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кој инаку е професор на економскиот факултет.

Како што веќе објавивме, се сомничат за примање, давање поткуп, противправно посредување, злоупотреба на службена положба и овластувања, и други коруптивни дела. Press24 веќе објави дека при претресот се најдени и пари.

Нашите извори велат дека МВР неколку години наназад работело на документирање на случајот бидејќи подолг период се говори и меѓу студентите и меѓу јавноста за незаконското работење на дел од кадарот на Економски факултет. Според првичните сознанија од истрагата лицата имале разработен систем . Се проверува и инволвираноста и на лица кои работеле во угостителските објекти на факултетот, објави порталот.