Нови детали за нападот врз аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, најмалку 28 жртви

Две експлозии и неколку истрели одекнаа вечерва на аеродромот Ататурк во Истанбул. Од турското министерство за внатрешни работи соопштија дека во нападот има најмалку 28 жртви, но и над шеесет повредени, досега нема информации за тоа дали станува збор за терористички напад.

Според очевидците пукањето започнало во паркот пред влезот на аеродромот, а таксистите кои се затекнале на местото ги превезувале ранетите лица до болниците. Турската државна телевизија објавува дека една од бомбите била активирана на терминалот, каде што пристигнуваат патниците од меѓународните летови. На аеродромот владее вистинска паника, патниците оттаму бегаат по автопатот, а на местото на настанот се присутни турските безбедносни сили, како и возила на брзата помош.

Според информациите обезбедени од страна на министерот за правда Бекир Боздаг, напаѓачот отворил оган од автомат “Калашников”, по што експлодирал. Експлозијата се случила на меѓународниот терминал, според прелиминарните испитувања.

Истовремено, премиерот Бинали Јилдирим нарача формирање на вонредно биро за инцидентот.  Сите летови од аеродромот во Истанбул се пренасочени, односно откажани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.