Нови детали за сообраќајката на „Паризанска“: Возачот „летал“ по булеварот со над 130 км/ч

Со брзина поголема од 100 километри на час, а можно е дури и над 130 километри да возел Влатко Аспровски (35) со своето такси-возило вчераутро околу 3.30 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје пред да доживее кобна несреќа, во која загинале тој и неговата пријателка Kатерина С. (37), велат полициски извори. Неговиот „мерцедес“, кој по празниот булевар се движел со огромна брзина, одеднаш излетал од патот, удрил во жардиниера, па во дрво и повторно завршил на булеварот, пишува ДНЕВНИК.

„Мерцедесот“ бил буквално смачкан по целата должина на страната на совозачот. Во близина на автомобилот имало и паднато дрво, што доволно говори со колкава брзина удрил автомобилот во него. Ретките очевидци што во раните утрински часови ги слушнале чкрипењето на автомобилските гуми и силниот удар, истрчале да видат што се случува. Тие ги виделе возачот и сопатничката заробени во смачканиот автомобил. Двајцата не покажувале никакви знаци дека се живи, но очевидците викнале брза помош и полиција во надеж дека може да ги спасат. На местото пристигнале екипа на итната медицинска помош, полиција и пожарникари, но тие не можеле да ги спасат бидејќи претходно возачот и сопатничката починале на самото место по ударот. Сепак, пожарникарите морале да интервенираат и со специјален алат да го исечат возилото за да ги извадат телата.

Kолегите интервенирале да ги извадат телата на возачот и сопатничката, кои, за жал, починале на самото место, вели Благоја Менковски, командантот на скопската противпожарна бригада.

Од МВР засега официјално не откриваат кои се причините за кобната несреќа, односно дали таксистот возел со преголема брзина, иако тоа може да се потврди и од штетата што е направена на возилото. Се проверува и дали тој бил пијан за време на несреќата или дали бил евентуално под дејство на други недозволени супстанции.

Ноќеска околу 3.30 часот пријавено е дека на булеварот Партизански одреди се случила сообраќајна незгода, во која патничко возило „мерцедес“, управувано од 35-годишен скопјанец, најпрвин излетало од коловозот и удрило во жардиниера, а потоа удрило и во дрво. На самото место починал возачот, како и триесет и седумгодишна сопатничка од Скопје, вели Лиза Бендевска, портпарол на СВР Скопје.

Таа додава дека увидната екипа од СВР Скопје излегла на местото на настанот и извршила увид. Известен бил и јавен обвинител, по чија наредба телата на загинатите биле дадени за обдукција во Институтот за судска медицина.

Од силниот удар буквално се разбудиле и станарите што живеат во зградите во близина на „Симпо“ на „Партизанска“. Тие велат дека на булеварот често се случуваат вакви и слични несреќи поради тоа што возачите возат и со брзини над 80 километри на час, нешто што не е дозволено во урбана средина.

Летаат со огромни брзини по булеварот, а трките најчесто се случуваат во вечерните или утринските часови кога често возачите не ни гледаат дали семафорот е на црвено или на зелено, вели еден постар скопјанец.