Свет

Нови фотографии од Кастро по петмесечен информативен молк

Нови фотографии од Кастро по петмесечен информативен молк

По пет месеци пауза на Куба се објавени нови фотографии на Фидел Кастро (88), на кои се гледа како поранешниот кубански лидер разговара со лидерот на главната кубанска студентска унија.

Десетте нови фотографии на Кастро се обелоденети на сајтот „Cubadebate“, пренесоа американските медиуми.

Средбата меѓу Фидел Кастро и студентскиот лидер Ренди Пердома Гарсија се случила на 23 јануари.

Ова се први фотографии на револуционерниот лидер од август минатата година кога беше објавен сет фотографии на кои Кастро е со венецуелскиот претседател Николас Мадуро

Британските медиуми наведуваат дека на најновите фотографии Кастро е малку подгрбавен додека седи и разговара со студентот.

Шпекулациите за здравјето на Кастро се засилија од 17 декември кога неговиот помлад брат и актуелен кубански претседател Раул Кастро и американскиот претседател Барак Обама објавија дека двете земји ќе ги обноват своите дипломатски односи.

Кастро, кој периодично пишува колумни, се немаше огласено за оваа историска објава на двајцата претседатели се до пред една недела кога даде прилично млака поддршка на договорот на својот брат со Обама, потсетуваат британските медиуми.