Нови имиња во игра за министер за здравство

Беким Татеши, директор на Клиниката за очни болести, неврологот Фатмир Меџити и Зијадин Села според неофицијални информации на Сител се трите имиња кои се спомнуваат за наследници на Арбен Таравари на министерската функција ако Алијансата на Албанците остане во Владата, анализира Сител телевизија.

Иако за време на кампањата за локалните избори за нов министер за здравство се шпекулирираше дека ќе се одлучува помеѓу Татеши и Меџити во игра влегува и Села откако не стана градоначалник на Струга. Не се исклучува и можноста СДСМ да го земе ресорот.

„Сѐ уште актуелниот прв човек во здравството во иднина ќе раководи со општина Гостивар и најави дека ќе ги почитува роковите за да си поднесе оставка од министерската позиција. Покрај Таравари од Владиниот кабинет си заминуваат и Рамиз Мерко министер без ресор задолжен за странски инвестиции кој стана градоначалник на Струга, а заменик министерот за образование Висар Ганиу од ДУИ ќе седне во градоначалничката фотеља во Чаир. Според информации од кабинетот на парламентот нивните оставки ќе бидат констатирани кон средината на неделата. На истата седница Собранието ќе ги констатира и оставките на кандидатите за градоначалник на Тетово, Билал Касами од БЕСА и Бардуљ Даути од ДПА“, објави Сител.

Промени во собранискиот состав ќе претрпи и коалицијата на СДСМ откако седум пратеници станаа градоначалници, на нивни места во законодавниот дом ќе седнат следните на листата во соодветните изборни единици.