Нови израелски напади во Газа, нема договор за прекин на огнот

Израелската армија објави дека изврши напад ноќта кон средата врз 25 цели поврзани со палестинското движење Хамас во Појасот Газа како одговор на минофрлачкиот и ракетниот напад врз израелските територии и порача дека нема прекин на огнот со вооружените групи во палестинската енклава.

Меѓу целите биле работилници за производство на ракети, засолништа за дронови како и „воена инфруструктура“, прецизираше израелската армија во средата.

Во вторникот, првиот ден од оваа операција, којашто беше најсериозниот судир меѓу Израел и палестинските вооружени групации по војната од летото 2014 година кога беа убиени околу 2.200 и ранети уште 11.000 Палестинци, израелската војска објави дека извршила удар на повеќе од 35 воени цели врз исламистичкото движење Хамас коешто управува со Појасот Газа и движењето Исламски џихад.

Во соопштението на израелската војска се истакнува во вторникот приближно 70 ракети и гранати се истрелани од Појасот Газа врз Израел во текот на денот. Одреден број од нив биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана. Три израелски војници се ранети. Непосредно нема податоци за жртвите во Газа.

Израел во средата негираше склучување договор за прекин на огнот кој го објавија палестинските вооружени групации во Појасот Газа поради прекинот на најсериозниот судир меѓу Израелците и Палетинците.

„Израел не сака вложување на ситуацијата но оној којшто започна со насилство мора да го прекине. Израел на Хамас ќе му наплати за секое пукање кон Израел“, изјави израелскиот министер задолжен за разузнавање Израел Кац во интервју на јавното радио.

Во вторникот ноќта Исламски џихад објави дека договорот за прекин на огнот е заклучен меѓу палестинските движења и Израел под покровителство на Египет ден по судирот околу Појасот Газа.

„На основа на комуникациите со египетската влада, договорот за прекин на огнот е склучен со Израел поради враќање на мирот врз основа на договорот од 2014 година“, со кој беше прекинат последниот судир во Појасот Газа, напиша во соопштение Давуд Шибаб, портпаролот на Исламската џихад.