Нови крокодилски солзи од Валтер Маѕари

Со минималниот пораз од 1:0 на гостувањето во Удинезе, фудбалерите на Интер мораа порано од предвиденото да се збогуваат со настапот во Купот на Италија, но како и во изминатите неколку недели, така и после овој натпревар, предводникот на „нероазурите”, Валтер Маѕари, вината за елиминацијата ја лоцираше во според него, лошата судиска арбитража.

„Ова е веќе смешно. Сите сте сведоци на новите инциденти кои се случија во противничкиот казнен простор. Сега никој не може да каже дека Маѕари постојано се жали на судењето. Повеќе не сакам да зборам на оваа тема, нема да го коментирам судењето до крајот на актуелната сезона. Удинезе не изненади во првото полувреме, не очекувавме таков пресинг. Во вторите 45 минути Интер имаше целосна контрола врз играта, но за жал не постигнавме израмнувачки погодок. Ова е болен пораз, но и тие се дел од фудбалската игра”, изјави Маѕари.

Идентична победа од 1:0 но во дуелот со гостинската екипа на Сампдорија, забележаа фудбалерите на Рома, кои за противник во следната, 1/4 финална рунда од Купот на Италија, го добија големиот ривал, тимот на Јувентус.