Нови куќи за луѓето кои ги изгубија своите домови во пожарот во Топанско поле

Семејствата кои останаа без покрив на главата по пожарот во Топанско ќе добијат свој дом. На денешната седница на Владата беше истакнато дека на сите семејства ќе им бидат реновирани куќите и ќе добијат онолку квадрати колку што поседувале и пред пожарот.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека 90 проценти од семејставата се згрижени кај роднини и пријатели, додека едно семејство со деца е згрижено од Министерството во домот „25-ти Мај“ каде имаат пристојни услови за живот.

Според информациите искажани од министрите Зоран Ставрески и Неждет Мустафа, на располагање за помош на семејствата се ставени околу 280.000 евра.

На семејствата околу 40.000 евра ќе им бидат доделени од скопскиот градоначалник Коце Трајановски, додека 20.000 ќе обезбеди градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски.

Ставрески истакна дека во најскоро време ќе започне реконструкцијата на нивните домови за што се издвоени околу 14 милиони денари. Домовите повторно ќе добијат покрив и ѕидови, а за задоволување на основните потреби за опремување ќе помогне Министерството за труд и социјална политика.

Во однос на пожарите кои се случија во зградите во Штип, Тетово и скопско Ново Лисиче, Спасов посочи дека во истите немало поголема штета и жртви, бидејќи пожарите избувнувале во подрумските простории, а навремено било интервирано

Тој најави дека во соработка со локалната власт се работи на повторно враќање на струјата во зградите.