Македонија

Нови квоти за приватни аптеки за подобра снабденост за осигурениците

Нови квоти за приватни аптеки за подобра снабденост за осигурениците
Нови квоти за приватни аптеки за подобра снабденост за осигурениците

Од 01.07.2015 година ќе започнат да важат новите квоти за приватните здравствени установи – аптеки, соопштуваат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Како што се наведува во соопштението, со оваа прераспределба Фондот има цел да овозможи посоодветна дистрибуција на средствата за лекови, односно подобра снабденост за осигурениците.

Новите квоти за аптеките беа усвоени на вчерашната седница на Управниот Одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за издадени лекови на рецепт од Листата на лекови на товар на средствата на Фондот.

Прераспределбата и определувањето на квотите е направено согласно Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите за склучување договори, утврдување на постапка за определување на месечниот износ на средства и начинот на плаќање на здравствени услуги на здравствените установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот во примарна здравствена заштита (Сл.весник бр.48 од 25.03.2015 година).

Согласно Правилникот, ревидирањето на квотите е направено врз основа на просечно месечно реализирани износи на квоти, согласно податоците со кои располага Фондот во последните шест месеци, при што квотата се зголемува или намалува во зависност од нивната реализација според дефинираната скала од правилникот.

Средствата се распределени на вкупно 768 аптеки кои во моментов имаат активен договор. Од нив, кај вкупно 634 аптеки квотата се зголемува, 74 аптеки се намалува, кај 37 аптеки квотата не се менува, додека кај 23 нови ПЗУ аптеки кои до ФЗОМ доставија комплетна понуда за склучување на договор и се дел од мрежата на здравствени установи се определуваат нови квоти (15 аптекарски станици, 5 подвижни аптеки, 2 аптеки и 1 рурална аптека). Буџетот на Фондот за здравствено осигурвање на Македонија за квоти за аптеките за 2015 година е 2 милијарди и 450 милиони денари.