Нови масовни протести во Тузла

Нови масовни протести започнаа денеска во Тузла, на кои неколку стотици работници бараат преразгледување на спорната приватизација на нивните претпријатија, пренесе МИА.

Тие протестираат пред Кантоналниот суд и Обвинителството, извикувајќи „крадци“ и „криминалци“.

Весникот „Дневни аваз“ пишува дека во градот пристигнуваат голем број работници од други подрачја на Тузланскиот кантон. Меѓу демонстрантите се наоѓаат и универзитетски професори, како и професори и наставници од основни и средни училишта, пензионери и други.

Формирана е делегација која ќе побара од јавниот обвинител повторно да бидеат отворени предметите за, според нив, „криминалната приватизација“ на тузланските претпријатија и да се изврши ревизија.

Протестите засега се мирни, а ангажирани се голем број на полицајци, кои ги обезбедуваат зградите на Судот и Обвинителството.