Нови моменти од истрагата за „руските врски“ на Трамп, Коми се согласи да сведочи на отвореното сослушување

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот беше повторно под притисокот за тоа дека негов виш советник е „лице од интерес“ во истрагата за наводните можни тајни договори со Русија во текот на минатогодишната претседателска кампања, како и оти наводно Трамп им се пофалил на руски функционери дека му дал отказ на човекот кој ја водел истрагата.

Споменатите извештаи се појавија веднаш откако претседателот Доналд Трамп одлета за Саудиска Арабија на своето прво патување во странство, што веројатно ќе ги зголеми превирањата кои ја погодија неговата администрација по 9 мај, откако од должноста беше разрешен досегашниот директор на Федералното биро за истраги (FBI), Џејмс Коми.

Наведувајќи вообичаено неименувани но „упатени извори“, весникот The Washington Post, исто така, не го наведува името на високиот советник на Трамп, освен што наведува дека станува збор за „личност од интерес“ блиска на претседателот, како и дека тоа е републиканец кој влегол во Белата куќа пред четири месеци.

Американското законодавство го користи терминот „лице од интерес“ кога означува некого кој е предмет на кривична истрага, но не е уапсени ниту формално е обвинети за кривично дело. Лицето може да соработува или да има информации од полза за иследниците.

Весникот The New York Times, пак, објави дека Трамп им се фалел на руски функционери со коишто се сретна во Блата куќа минатата седмица дека со смената на Џејмс Коми попуштил „големиот притисок“ со кој претседателот се соочувал поради истрагата за наводното руско мешање во американските претседателски избори од ноември 2016 година.

„Штотуку го отпуштив шефот на FBI. Навистина беше лудак“, рекол наводно Трамп според весникот, во кој се цитира наводен документ стенограм од состанокот, а на The New York Times му го прочитал американски функционер кој сакал да остане неименуван. „Бев под голем притисок поради Русија. Тоа сега е решено“,рекол наводно американскиот претседател.

Доналд Трамп се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кислјак, во Овалниот кабинет дена откако го разреши Џејмс Коми, кој меѓу другото беше надлежен и за истрагата за наводната руска вмешаност во американскиот изборен систем. Њујоршкиот весник наведува дека документот се темели на белешките од Овалниот кабинет.

Истовремено беше објавено дека Коми, кој не излезе во јавноста последните десет дна откако беше сменет, ќе сведочи на отвореното сослушување пред сенатскиот разузнавачки комитет кој го истражува можното руско мешање во изборите во 2016 година.

Челниците на комитетот, претседателот Ричард Бар и неговиот заменик Марк Ворнер соопштија дека сведочењето ќе се одржи во петокот по Денот на сеќавањето, американски празник на 29 мај.

„Се надевам дека ќе му се разјасни на американскиот народ за неодамнешните настани за кои опширно се известуваше во медиуми“, изјави републиканецот Бар додавајќи дека Коми се согласил да сведочи на сослушувањето.