Нови навики: Сефот стана побезбеден од перницата

„Kрадците не запираат: Преку ноќ остана без 5.000 евра“, „ Скопјанец остана без своето злато“. Ова се секојдневните ударни вести што го натерале 40-годишниот скопјанец Тихомир, да ја тргне својата заштеда од под перница и да ја „осигура“ во банкарски сеф.

„Бев во странство и заработив некоја пристојна сума што ја чував на специјално место во мојата семејна куќа за кое знаевме само јас и мојата сопруга. Откако се случија повеќе немили настани во околината, односно соседите останаа без целата своја заштеда, решивме да побараме сеф во банка и сега навистина помирно спијам“, раскажува Тихомир, за весникот „Дневник“.

Зачестените провали по домови како да ги освестуваат граѓаните, особено тие во метрополата. Некои од банките дури немаат ни слободни сефови и велат дека расте интересот во последно време за оваа банкарска услуга. Лете и за време на празници се зголемува побарувачката за користење сеф, тогаш кога граѓаните се на подолг период надвор од своите домови. Речиси сите комерцијални банки изнајмуваат сефови, а побарувачката во последно време е поголема.

„Граѓаните имаат интерес да ги користат сефовите најмногу за време на одмори, патувања, односно кога не се дома и сакаат да ги згрижат своите скапоцености. Можам да кажам дека кај нас се сосема искористени, односно нема слободни сефови. Не дека има листа на чекање, но с` е пополнето, а ако нема во нашата банка, тогаш одат во друга да ја најдат големината што им одговара. Ние не знаеме што се чува во сефовите, но најчесто ги изнајмуваат физички лица.. Сигурно е пресудно тоа што безбедноста на скапоценостите е на највисоко ниво“, вели Антонио Аргир, директор во НЛБ Тутунска банка, за весникот.

Од Kомерцијална банка велат дека интересот за банкарски сефови кај нив е во благ пораст.

„Банката изнајмува сефови на физички и на правни лица во Скопје и во земјата. Интересот на граѓаните за користење на оваа услуга во Скопје е на задоволително ниво и бележи благ пораст, што не може да се констатира и за помалите места. Генерален заклучок е дека само мал дел од популацијата се одлучува за користење на оваа услуга што пред с` претпоставуваме се должи на менталитетот на населението имајќи предвид дека цените за изнајмување се навистина ниски и пристапни“, велат, за „Дневник“, во Kомерцијална банка.

Од Охридска банка, пак, потенцираат дека интересот е задоволителен.

„Во широката палета услуги што ги нуди Охридска банка спаѓа и понудата на разни големини на сефови за чување хартии од вредност, предмети, документи или други материјали. Покрај долгата традиција во работењето со сефови во Охрид, од сега Охридска банка им излегува во пресрет и на потребите на клиентите во Скопје. Заинтересираноста за користење сефови е задоволителна, што е разбирливо со оглед на највисокото ниво на сигурност и дискреција што ги нуди овој начин на чување на личните предмети“, велат во Охридска банка за весникот.

Познавачите, пак, коментираат дека интересот за сефови уште ќе расте бидејќи провалите по домовите се’ почеста појава, а банките во земјава се стабилни и затоа безбедноста на скапоценостите таму е највисока.

Инаку, цените за изнајмување сефови варираат од банка до банка и зависат од димензиите на сефот. Така, во една од поголемите банки во земјава оваа услуга чини од 200 до 900 денари месечно. Сефот може да се закупи и на годишен период за што изнајмувачот треба да плати од 2.100 до најмногу 9.000 денари.

Банкарите објаснуваат дека во сефовите може да се чуваат пари и накит и други вредни предмети, но не е дозволено да се ставаат запаливи и предмети подложни на експлозија, радиоактивни материи, оружје, предмети подложни на распаѓање, расипување, разлевање. Сефот се отвора со два клуча, од кои едниот е кај клиентот, а другиот во банката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.