Нови патишта за посилна економија

Градежната оператива е на терен. Се пробиваат трасите за новите автопати, се градат тунели и мостови на делницата Демир Капија – Смоквица, интензивно се работи на експресниот пат Велес – Штип, се реализирираат бројни локални и регионални патни правци, пишува Лидер.

-Македонија е претворена во едно големи градилиште, бидејќи се реализираат голем број инфраструктурни проекти, задоволно коментира министерот за транспорт, Миле Јанакиески.

Над 130 килеметри нови автопати!

Во овој момент, во Македонија се градат три автопати. Механизацијата веќе неколку години активно работи на делницата Демир Капија – Смоквица, со што Коридорот 10 ќе се комплетира на ниво на автопат. Половина од градежните работи се завршени. Пробиени се тунелите, се градат мостовите, градежниците се во трка со времето да ги испочитуваат роковите и да ја запазат динамиката, која вели дека септември 2016-та е крајниот рок за изградба на новата делница од автопатот, во должина од 28 километри. Се работи за инвестиција од 270 милиони евра: 130 милиони се од ЕИБ, 45 милиони се обезбедени преку ИПА грант од ЕУ, 107 се од ЕБОР, шест од државната каса.

Раздвижено е и во општина Дебарца. Со кинески пари почна реализацијата на капиталниот проект за автопатско поврзување со Охрид. Се работи за инвестиција вредна 375 милиони евра, најголема во последните 50 години. Делницата Кичево – Охрид е во должина од 57 километри, а на неа се проектирани 7 мостови и 22 вијадукти, 6 натпатници и 13 потпатници, тунел кај Пресека, кој се пробива во моментов. Проектот треба да биде комплетиран за 4.5 години, со што Македонија конечно ќе добие модерен автопат до најголемиот туристички центар.

-За вакви, исклучително капитални проекти, цената треба да биде во втор план. Најважно е автопатите да се изградат што е можно поквалитетно за да траат подолго. Тоа го покажува хрватското искуство, водечка земја од регионот по вложување во својата патна инфраструктура. Никогаш не треба да се штеди кога градите патишта, мостови и слично. Треба да се направат најквалитетно, затоа што инвестицијата ќе се врати. Што мислите, дали има цена отворањето автопат кон Охрид, до нашиот најголем туристички бисер? За мене, нема цена!, вели професорот од Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.

Во многу понапредна фаза е изградбата на автопат Миладиновци – Штип, којшто е од исклучително значење за економскиот развој на источниот дел од земјата, бидејќи Од Скопје со Штип ќе се стасува за половина час. Делницата е во должина од 47 километри, инвестицијата е тешка 204 милиони евра, а градежните работи треба да завршат до крајот на 2017-та година. Со комплетирањето на новиот автопат, значително ќе се зголеми и атрактивноста на штипската слободна – економска зона, по што се очекува влез на нови странски инвеститори и отворање нови работни места. Особено е важно што за изградбата на автопатите падна договор со Кинезите кој предвидува, половина од градежните работи да отидат во рацете на домашни компании.

Брза магистрала меѓу Велес и Штип

Интензивно се работи и на реконструкцијата на брзата магистрала со која се поврзани Велес и Штип, преку Кадрифаково, во должина од 24 километри. Во тек е реализацијата на последната делница. Патот двојно ќе се прошири, се елиминираат црните точки, се зголемува безбедноста, се воведуваат нови коловозни ленти, по кои ќе биде дозволена брзина од 100 километри на час. Инвестиција во оваа делница се проценува на 15 милиони евра, а градежните работи треба да завршат во 2015-та година.

-За нас е економски приоритет, преку магистрални патишта, да ги поврземе сите региони во Македонија со меѓународните транспортни коридори,  вели директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Податоците покажуваат дека само во последните четири години се изградени или рехабилитирани повеќе од 680 километри патишта, за што се инвестирани над 55 милиони евра.

Во 2015-та ќе се градат нови патишта!

Градежниците и во 2015-та ќе имаат полни раце работа. Освен изградбата на новите автопати, санацијата на автопатот Скопје – Велес – Скопје, изградбата на магистралните патишта, ќе стартуваат и нови проекти, за изведба или реконструкцијата на повеќе експресни патишта со пари од ЕБОР. Со заемот со 160 милиони евра ќе се среди најлошата делница од патот Градско – Прилеп, ќе се поврзат Штип и Кочани, Охрид и Пештани, додека ново автопатско решение е предвидено од Струга до Требеништа. Дел од овие патни правци ќе почнат да се градат во 2015-та, дел во 2016-та година. Заемот е добиен под исклучително поволни услови, а парите ќе враќаат во наредните 15 години, со четиригодишен грејс – период.

-Изградбата ќе значи ангажман на домашни фирми и работници, подигнување на БДП за време на реализацијата на овие проекти, а долгорочно ќе се подобри конкурентноста на економијата, бидејќи ќе се отворат нови патни правци, а Македонија ќе има подобра патна инфраструктура. Со овие средства, добиени под исклучително поволни услови, ќе се реализираат проектите, а притоа ќе се задржи ниското ниво на задолженост на Р. Македонија,  вели првиот финансиер, Зоран Ставрески.

Експресна врска и со Бугарија!

Кон крајот на идната година, или на почетокот од 2016-та, треба да почне изградбата на стратешкиот проект за добра патна врска меѓу Македонија и Бугарија. Ќе гради експресен пат, со по две ленти во секој правец, со можност во иднина да прерасне и во автопат. Подготовките се во финална фаза, по што ќе следува периодот на експропријација. Планирано е новата врска со источниот сосед да се финансира со средства од Светска банка. Се работи за крупен, капитален проект, со којшто ќе се придонесе за поголем проток на луѓе и стоки меѓу двете соседски земји, за поголема трговска размена, како и за потесни врски меѓу македонските и бугарските компании.