Нови пет лекари ќе даваат совети на линијата „Ало докторе“

На телефонската линија за медицински совети во изминативе два дена стигнаа вкупно 283 јавувања.

За точно месец и половина се направени над 7.000 јавувања од страна на граѓаните за медицински совети или информација за одредена здравствена услуга на телефонската линија 15123 Ало докторе.

Од први ноември телефонската линија е засилена со нови пет лекари за здравствен совет.

За медицински совет, сега се достапни 22 лекари од сите градови на Република Македонија, на кои им нудат медицински совет, соодветна симптоматска терапија и доколку е потребно повикот да го пренасочат кон службата за итна медицинска помош 194.

Денеска од 18 до 22 часот ќе биде дежурна д-р Ирена Кафеџиска од Клиниката за ревматологија, а утре за медицински совет ќе биде достапна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Марија Хаџи-Лега.