Нови победи за Кил и Пик Сегед во ЛШ

Тимовите на Кил и Пик Сегед забележаа победи на натпреварите во рамките од ЛШ, откако беа совладани Загреб, односно Мотор Запорожје.

Ракометарите на Кил му се одмаздија на Загреб за поразот на стартот од натпреварите во групата А, победувајќи го со убедливи 34:27.  Ова беше шести триумф за “зебрите” наспроти оној еден пораз токму од Загреб, па со вкупно дванаесет бодови Кил е осамен на лидерската позиција во групата. Загреб остана на оние три победи и вкупно шест бодови. Во оваа група се наоѓа и нашиот шампион Металург, кој со една победа и пет порази е на последното место.

Тимот на Пик Сегед славеше на незгодното гостување кај Мотор во Запорожје со 25:29, што беше петти последователен, односно вкупно шести триумф во ЛШ. Унгарскиот вицешампион сега има дванаесет бода, колку што има и водечкиот Кјелце, но полјаците имаат и натпревар помалку.