Нови поволности од Владата за изградба на домови за стари лица и градинки

Со две нови уредби Владата на Република Македонија  ќе ја поттикне изградбата на домови за стари лица и приватни градинки.

Портпаролот на македонската Вада, Александар Ѓорѓиев денесла информираше дека новите две уредби односно подзаконски акти што значат предвидување определени правила за постапување на веќе објавениот  модел за поттикнување за приватната иницијатива од областа на социјалната политика односно можност за реализација на инвестиции во областа на изградбата на домови за стари лица и приватни детски градинки.

Со првата уредба, како што посочи Ѓорѓиев,  е предвидено сите локации во  деталните урбанистички планови кои ги носат општините, а чија намена е изградба на домови за стари лица или детски градинки да се продаваат со почетна цена од 1 евро за метар квадратени. Втората уредба предвидува обврска за сите субјекти кои стопанисуваат со земјиштето да ги намалат комуналиите за овие два вида објекти за 95 отсто.

„Овие уредби се задолжителни за сите субјекти кои стопанисуваат со земјиштето без разлика дали тоа е централната власт или единиците за локална самоуправа“, истакна Ѓорѓиев.

Тој посочи дека се предвидени и четири поволни финансиски инструменти односно четири кредитни линии кои се реализираат преку Македонската банка за поддршка на развојот. Првиот е општата кредитна линија од Европската инвестициска банка, со што се обезбедуваат финансиски средства со камата што ја субвенционира државата, а изнесува 5, 5 отсто , вториот е преку италијанскиот револвинг фонд што работи во соработка со Македонската банка за поддршка на развојот, третиот инструмент обезбедува кредитен фонд со гарантна шема кога државата учествува со поголема гаранција за повратот на средсвата од страна на приватниот субјект и четвриот е кредитната линија за мали и седни претпријатија, чија предност е тоа што средствата можат да се добијат во денари, за разлика од останатите каде што средствата се пресметуваат во добивна вредност.

Портпаролот на Владата истакна дека и Агенцијата за вработување има предивдено средства кои можат да значат одреден придонес или субвенционирање на вработувања на лица кои потенцијално би работеле во овие домови или детски градинки.

Според него, Владата заедно со единиците за локална самоупорава интензивно работела и на утврдување конкретни локации во рамки на ДУП за овие објекти, како и за изнаоѓање веќе постоечки објекти кои би можеле да бидат наменети за инвестиција за домови за стари лица или детски градинки и тоа со закуп, со продажба или со јавно-приватно партнерство.

Ѓорѓиев информираше дека досега за изградба на приватни детски градинки во ДУП на општините се предвидени 23 локации ширум Република Македонија, како и 14 објекти кои би можеле да бидат искористени за оваа намена. За домовите за стари лица се утврдени 35 локации ширум земјава и се лоцирани околу 50 – тина објекти за оваа намена.

Досега, откако е промовиран овој проектот, има над 40 – тина правни субјекти заинтересирани за изградба на приватни детски градинки и над 60 за инвестиција за приватни домови за стари лица.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.