Македонија

Нови правила за означување на храната во Македонија

Нови правила за означување на храната во Македонија

Од јуни годинава означувањето на прехранбените производи мора да биде лесно воочливо, читливо и разбирливо. Според најновите законски измени донесени согласно барањата на Европската унија, јасно треба да се наведуваат потеклото, отстапките во нето тежината и особено алергените и нутритивните карактеристики, пренесе МИА.

Како што рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски, станува збор за законска обврска која ќе ја регулира пазарната конкуренција, а на потрошувачите ќе им овозможи да го направат вистинскиот избор.

Ако означувањата не се соодветни, односно законската обврска не се почитува, ќе има парични казни, до 5.000 евра за правните лица. При контролите, отстапки нема да се прават.

– Веќе нема да зборуваме за означување на храната, туку за прецизни конкретни, детални информации кои нема да го доведат купувачот во заблуда. Напротив, ќе му овозможат да го направи најсоодветниот избор. Со вакото решение се регулира и конкуренцијата на пазарот. Извозниците веќе го применуваат, од декември минатата година, а сега, од јуни 2015, тоа станува задолжително и за операторите кои ги пласираат производите на нашиот пазар, нагласи Поповски на прес-конференција во Стопанската комора, пренесе МИА.

За полесно совладување на новите прописи, операторите со храна добиваат посебен Водич, специјално изготвен за оваа намена. Водичот веќе се промовира и дистрибуира во рамки на Отворените денови на Агенцијата.