Нови проблеми за Металург

Продолжуваат проблемите за тимот на Металург. По оние финансиските, овојпат се појавија и здравствени проблеми, односно четворица ракометари се пожалиле на стомачен вирус. Наумче Мојсоски, Филип Миркуловски, Владан Липовина и Дејан Манасков изминатово деноноќие се мачеле со повраќање и малаксаност. Последниов е во најдобра состојба, зашто веќе ја надминувал болеста, додека останатите тројца не биле во можност да тренираат. Наумче Мојсоски беше најавен и за денешната прес-конференција, но не можеше да дојде и наместо него се појави Ванчо Димовски.

Ако на ова се додаде и дека можно е Ренато Вугринец да паузира и на следниот меч, тогаш јасно е со колку проблеми се соочува Лино Червар.

Стратегот на клупата на Металург уште еднаш потврди дека Вугринец тренира и покрај тоа што не е максимално подготвен. Имал посебен режим, а веќе се вклучил и во ротацијата со цела екипа, но не сакаше да потврди со сигурност дека ќе биде во записникот в сабота во 21.00.