Нови протести на бегалците во северна Грција

Нови протести на бегалците во северна Грција
Нови протести на бегалците во северна Грција

Бегалци почнаа утрово со нови протести на автопатот до гратчето Поликастро во северна Грција, со барања да бидат отворени границите за да продолжат со патување кон држави од централна Европа, јавија грчки медиуми.

Бегалците поставиле и шатори на автопатот, додека локалните власти предупредуваат за опасност од сообраќајни инциденти и ја повикаа полицијата да интервенира.

Бегалците вчера го блокираа автопатот во двете насоки во реонот на Поликастро со барање да им се дозволи преминување на грчко-македонската граница и наведоа дека нема да земаат храна и вода додека не се исполнат нивните барања.

Весникот „Катимерини“ објави дека ситуацијата во кампот за бегалци Идомени не е под контрола и претставува „вулкан“ што може да проработи во секој момент. Во извештајот на весникот се наведува дека здравствената состојба на бегалците и мигрантите во Идомени се влошува по повлекувањето на неколку невладини организации од кампот.

И весникот „Вима“ наведува дека Идомени претставува „бомба“ што може да предизвика непредвиден развој на настаните и последици, бидејќи Грција не може да се справи со бегалскиот проблем.