Нови разговори во Минск за решавање на украинската криза

Лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција денеска ќе се сретнат во Минск поради разговори за решавање на украинската криза, пренесе МИА.

Состанокот за прекин на крвопролевањето во Украина ќе биде насочен, пред се, на повлекување на тешкото оружје, создавање демилитаризирана зона во источниот дел на Украина и започнување дијалог меѓу Киев и проруските сили.

Според дипломатски извори, најголема пречка ќе претставува демилитаризираната зона, за која Москва бара ОБСЕ да ја преземе контролата.

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин, шефот на украинската држава Петро Порошенко, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ќе започне по 18 часот по локално време.

Состанокот во Минск ќе се одржи зад затворени врати, соопшти белоруското Министерство за надворешни работи.

„Нормандиската четворка“ синоќа начелно договорила начин за повлекување на тешкото вооружување и режим за прекин на огнот и механизмите за контрола кои треба да се почитуваат.

фото: МИА